Изминативе неколку денови во Охрид можат да се забележат само поголеми групи странски гости кои престојуваат на охридското крајбрежје, јави „Охридњус“.
Сепак, иако календарски летото е веќе почнато, голем дел од приватните сместувачки капацитети, кои претежно ги изнајмуваат домашните туристи, се празни.
Оние кои долги години се во овој бизнис, сметаат дека на градот му фалат гостите од земјава, кои од година во година ги има во сѐ помал број. Според туристичките работници, потребна е добра промоција на градот не само вон границите на земјава, туку и во нејзините рамки.
Со оглед на високите цени на енергентите, туристичката такса и бројните трошоци, цените на приватното сместување во Охрид се прилично ниски. Тие варираат во зависност од местоположбата и од условите кои ги нудат туристичките работници.
Така, во централното градско подрачје цените се движат од 350 денари за кревет и од 850 денари, па нагоре за двокреветен апартман. Нешто повисоки се цените во стариот дел на градот, но и таму двокреветна соба може да се изнајме од 900 денари, па нагоре. Во периферните делови и приградските населби, до соба во објект со една ѕвезда може да се дојде и за 250 денари.
Во овие цени, претежно е вклучена и кабeлска телевизија, интернет, тераса, кујна и бесплатен паркинг-простор. Инаку, според податоците од Секторот за ТЛЕР при општина Охрид, до јуни 2013 година категоризирани се вкупно 2.051 објект од мал обем со вкупно 12.401 легло, објави „Охридњус“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



