| четврток, 6 декември 2018 |

Новинарот што го гаѓаше Буш со чевел се кандидира за пратеник (Видео)

Ирачкиот новинар Мунтадар ел Зеиди, кој пред 10 години го гаѓаше со чевел претседателот на САД, Џорџ Буш, се кандидира за пратеник на изборите во Ирак.

Ел Зеиди во 2008 година, по конференцијата за новинари во Багдад, стана од столчето и најпрвин со едната, а потоа и со другата обувка, фрли по тогашниот американски претседател, кој сепак успеа да се помести навреме и да ги избегне ударите.

На конференцијата Буш говореше заедно со тогашниот ирачки премиер, Нури ел Малики. Ирачкиот новинар веднаш беше совладан за подоцна да биде осуден на три години затвор поради навреда. Сепак, казната набргу беше намалена на една година затоа што претходно Ел Зеиди не бил осудуван.

Новинарот беше пуштен на слобода три месеци пред завршување на казната поради добро владеење, а сега повторно се наоѓа во Багдад, каде што влегува во трката за парламентот со најава дека ќе се бори против корупцијата.

Изборите во Ирак се закажани за 12 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top