| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата „Чиста хероина“ утре во „Јавна соба“

Утре, на 21.04.2018 г. (сабота) во 19.00 ч. во Јавна соба ќе се случи премиерата на театарската претстава „Чиста Хероина“ според текстот „Лична Ангелина“ (Чувари на честа) на Загорка Поп-Антоска Андовска, а во режија на Ѓорѓи Ризески.

„Лична Ангелина (Чувари на честа)“ е драма која е напишана во стих, со архаичен говор близок на епската песна „Болен Дојчин“, се случува во митско време, и го следи веќе воспоставениот однос на Болен Дојчин и сестра му, Лична Ангелина. Режисерското читање на Ѓорѓи Ризески, го отфрла митското време, и дејствието го сместува во сегашноста, во една брачна соба, на поткровје и својот режисерски фокус го гради врз првата сцена во која Лична Ангелина ја отфрла искрената љубов на Црна Арапина, а со тоа и идејата дека светот може да биде помирен. Ризески вели „Каква се друга љубов ќе ни се понуди во животот ако ја пропуштиме вистинската? Каков изгледа светот љубовен и животот на една особа кога се пропушта тоа што најискрено и најмногу се сака? Ништо не е идеално во животот – но кога ќе се одбере страната на нештата што ја отфрлаат љубовта – следува? …“ Оттука произлегува и доминантната нишка – страдањето на Лична Ангелина, бесмисленото себежртвување за некоја повисока цел. Драма во која преку пеколот се стигнува до љубовта. Сонот и јавето се мешаат, книгата на полицата ја диктира реалноста која се претвора во кошмар. Низ кошмарот од драмата, двајцата заглавени во спалната на поткровјето ја лечат реалноста преполна со мачни халуцинации. Каде почнува и каде завршува јавето?

Ликовите на Болен Дојчин, Умер Бичакчија, Митре Поморјаче и Павле Плетикоса драматуршки се споени и ги толкува Марко Илиќ, а ликот на Лична Ангелина Надица Петрова. Оригинална музика за претставата работеше Александар Андовски. Музички соработник е Викторија Чочороска. Костимот и сценографијата се потпишани колективно.

Продуцант на претставата е Центар за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ популарно познат како ДАСТА Академија.

Ова е прв проект на ДАСТА Нетворкинг, платформата која вмрежува млади уметници, искусни уметници, јавни и приватни институции од културата, приватни компании, образовни институции, со цел да се поддржат квалитетните проекти кои немаат финансиска поддршка или пак истата е многу мала. Проектот безпарично го поддржаа Културно информативниот центар – КИЦ, Конгресен центар Александар Македонски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top