Предупредување од Европскиот мониторинг-центар за дрога и зависности. Десетина случаи на антракс се регистрирани од јуни минатата година во Велика Британија, Германија, Данска и во Франција, а се претпоставува дека заразата е предизвикана од иста пратка

Епидемија на антракс се шири меѓу зависниците на хероин низ Европа, а ненавременото лекување најчесто значи смрт за заболените, предупредуваат од Европскиот мониторинг-центар за дрога и зависности (ЕМЦДДА). Податоците покажуваат дека од јуни 2012 биле регистрирани десетина случаи на антракс, од кои најмалку еден со смртни последици, и тоа во Велика Британија, Германија, Данска и Франција.
Од Центарот ја анализираат состојбата и го оценуваат ризикот од натамошно ширење на заразата. Зависниците смртоносната бактерија во своето тело ја внесуваат со инјектирање на загадениот хероин, но и со негово пушење или вшмркување. Се претпоставува дека заразата е предизвикана од заеднички извор, односно од иста пратка на хероин и дека можеби е поврзана со истиот предизвикувач на епидемијата на антракс во 2009 и 2010 година во Шкотска. Тогаш таму беа заболени 119 лица, од кои 14 починаа, во Англија имало петмина заболени од кои четворица подлегнале на инфекцијата, а уште двајца заболени имало во Германија. Тоа била прва документирана епидемија поврзана со користење на хероин каде било во светот. Антраксот, кој најчесто се поврзува со неговата употреба како биолошко оружје, меѓу корисниците на дрога е многу ретка појава, па пред епидемијата во Шкотска, единствен забележан случај во Европа бил во Норвешка во 2000 година. Експертите стравуваат дека новата епидемија може да добие поголеми размери бидејќи од островот е проширена и на континентот.
Антраксот е смртоносна бактериска инфекција за луѓето, иако болеста најчесто се појавува меѓу дивите и домашните животни во Азија, Африка и делови од Европа. Хероинот од кој се заразиле зависниците најверојатно бил загаден со спори на антракс преку едноставен контакт со заразено животно или од местото каде што била криена дрогата. Тоа најверојатно се случило додека хероинот се шверцувал од Авганистан или Пакистан во Турција, од каде бил транспортиран на европскиот наркопазар. Спорите на антраксот се многу отпорни, па може да преживеат во надворешни услови и неколку години.
Опасноста за зависниците е голема бидејќи тие не можат да проценат дали одредена доза хероин содржи антракс, чии спори се невидливи за човечкото око. Инфекцијата може да се лекува со антибиотици, но ако лекувањето почне навремено. Поради тоа, неопходно е медицинскиот персонал да знае да ги препознае знаците и симптомите кај заболените за да не се задоцни со лекување. Проблемот кај откривањето на инфекцијата со антракс е што зависниците од хероин имаат кревко здравје, па многу често ги имаат симптомите на болеста.
Инфекцијата најчесто настанува кога зависниците инјектираат хероин, па спорите со антракс влегуваат преку кожата или мускулите или салото под кожата. Втор начин да се внесе антраксот е преку вдишување на загадениот хероин. Симптомите кај зависниците што го инјектираат хероинот се црвенило и отоци на страната од телото каде што е инјектирана дрогата, а од кои се појавуваат чирови или апсцес. Други симптоми се треска и главоболки. Лицата кои пушат или вшмркуваат хероин може да имаат треска или симптоми на грип, да се чувствуваат лошо и тешко да дишат. Ако се вдише антраксот, инфекцијата се шири брзо и пред да почнат симптомите, па најчесто е предоцна за да се излекува. Не е утврдено колку време треба да помине за да се развие болеста, но во најголем број случаи при епидемијата во Шкотска, симптомите почнале да се појавуваат во периодот од првиот до седмиот ден по земањето на хероинот.
Епидемија на ХИВ меѓу зависниците во Грција
Постои голема опасноста од зголемување на бројот на зависници заразени со ХИВ/СИДА по значителниот пораст на заболени од оваа болест меѓу корисниците на дроги во Грција и во Романија, предупредуваат од ЕМЦЦДА. Во Грција до 2010 година бројот на новозаразени зависници изнесувал од 9 до 19 нови случаи годишно, но во 2011 година бројот се зголемил за 241 случај. Во Романија, пак, до 2010 година имало од еден до шест нови случаи секоја година, но овој број се зголемил на 114 во 2011 година. Трендот на зголемување продолжил и во 2012 година, и тоа особено кај јужниот сосед каде што од јануари до август лани имало 314 нови случаи на заболени зависници. Статистиката покажува дека во ЕУ е зголемен бројот на зависници заболени од хепатитис Ц, што е сигурен индикатор дека ќе се зголеми бројот на зависници инфицирани со ХИВ-СИДА.
Според ЕМЦЦДА, охрабрувачки е што се намалува бројот на зависници кои инјектираат хероин, а продолжува да паѓа и просечната стапка на новопријавени случаи на ХИВ меѓу зависниците и покрај зголемувањето во Грција и во Романија. Според податоците на Институтот за јавно здравје во Македонија од 1987 до 2009 година само десет лица биле заразени со ХИВ преку инјектирање дроги со шприцови инфицирани со вирусот.
Извор: Дневник
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


