| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ го објави автобиографскиот роман „Апнеја“ од Лоренцо Амури

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува објавувањето на романот „Апнеја“ од италијанскиот писател Лоренцо Амури, кој ги раскажува своите вистински доживувања по скијачката несреќа од која останал речиси целосно парализиран. Романот бил финалист за највисоката италијанска награда „Стрега“ во 2013 година, а во 2015 година ја добил и Наградата за литература на Европската Унија. Преводот на македонски е на Калина Јанева.

На самиот почеток на „Апнеја“ (2013) го среќаваме младиот Лоренцо со лицето нурнато во мекиот јануарски снег, има вртоглавица и не може да дише. По удар во столб од жичарница, останува квадриплегичар и животот му се превртува наопаку. „Апнеја“ раскажува за болката луцидно, без мелодраматични тонови, а на моменти дури и изнудува насмевки.

Амури, небаре води дневник, раскажува за периодот минат во болница во Италија и во една специјализирана клиника во Цирих, за многубројните операции, за мачната рехабилитација и за меѓучовечките односи изродени од болката. По враќањето во семејниот дом во Рим, мора да се соочи со еден нов свет, каде што наеднаш сè му е надвор од дофат и сите се станати многу повисоки, страшни џинови со впечатливи сенки.  

Лоренцо тоне во самосожалување, па неговата девојка Јохана, која останува покрај него по несреќата, се одлучува да го напушти, а тој решава да се самоубие. Или, пак, можеби нешто ќе го поттикне одново да ја освои и да си го поврати животот? Оваа вистинска животна приказна ја пренесува пораката дека „слободата на мислата е слобода на движењето“.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Лоренцо Амури (1971-2016) бил италијански писател, како и музичар и музички продуцент. По тешка скијачка несреќа на дваесет и шестгодишна возраст, останал квадриплегичар, со парализирани осумдесет проценти од телото. Како писател се пројавил преку својот блог. Во 2013 година го објавува дебитантскиот роман „Апнеја“. Неговата втора книга, „Зошто не го однесете во Лурд?“, е своевиден дневник за патешествието до светилиштето на Богородица од аспект на човек без верба.

Калина Јанева (1981) дипломирала англиски јазик и книжевност, со италијански јазик и книжевност како втор главен предмет, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во единаесетгодишната кариера како книжевна преведувачка има објавено над 30 книжевни преводи, претежно од англиски на македонски јазик, но и обратно, како и десетици стручни преводи, главно од хуманистичките области. Последниве години активно преведува книжевни дела и од италијански јазик.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top