Државната опера на Виена во октомври ќе ја отвори новата сезона на Македонската опера и балет. Ова било договорено при посетата на в.д. директорот на МОБ Ќазим Асотиќ на Виена, Австрија, информира МОБ.
Асотиќ се сретнал со директорот на Државната опера во Виена (Staatsoper Wien), Доминик Мајер, со заменик директорот проф. Марио Штелер и со шеф директорот на хорот, Елиза Маријан-Зурман.
– Во разговор со нив е потврдено нивното гостување во октомври годинава и отварање на новата сезона на МОБ. Покрај меѓусебната соработка на двете оперски куќи, договорено е нивниот вокален тренер да доаѓа во Македонија еднаш месечно 5 до 7 дена и да работи со нашите солисти и да ги подготвува за тековниот репертоар, како и за новите продукции кои што следат во Македонската опера и балет – велат од МОБ.
Секои три месеци ќе доаѓа познатиот сопран Красимира Стојанова, солист на виенската опера која моментално настапува во Метрополитен, за да одржува мастер клас .
– За време на работната посета во Виена, директорот на МОБ оствари средба и со влијателниот Аки Нуредини, хуманитарец, вљубеник и голем пријател на оперската уметност, пријател со сите светски оперски ѕвезди на денешницата како и со најактуелните светски политичари. Господинот Нуредини е успешен бизнисмен кој го води италијанскиот ресторан „Соле“, во близина на државната опера во Виена. На 10 мај во фоајето на МОБ ќе се одржи промоција на неговата најнова книга,со пригодна музичка програма. Промотер на книгата ќе биде светски познатиот режисер Ренато Занели.
Директорот се сретнал и со Лами Цунаку, сопственик на „VAS GROUP“, светска компанија во областа на туризмот како и сопственик на приватна опера во Виена. Како голем вљубеник во операта и Македонија како држава, договорена е соработка на размена на уметници и претстави, во улога на мецена на крециите и продукциите што ги подготвува Македонската опера и балет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.