| четврток, 6 декември 2018 |

Шилегов ќе дава дрво за секое родено дете

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов и претставници на гинеколошките клиники од Скопје денеска потпишаа меморандум за соработка за реализација на проектот „Дрво за секое дете“.

– Како што ветив во предизборната кампања пред неколку месеци, ja почнуваме реализацијатa на проектот „Дрво за секое дете“. Заедно со ЈП Паркови и зеленило и гинеколошко – акушерските болници, преку овој проект, им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе, на некој од градските дрвореди, паркови или скверови. На дрвото ќе има плочка каде што ќе го пишува името на детето и датумот на раѓање. Низ годините, секој што засадил дрво ќе може да го следи растот на дрвото заедно со неговото дете – истакна Шилегов.

Дрвото на новороденчињата ќе биде посадено во сезонска акција на расположива локација по избор на родителите. По напуштање на гинеколошката клиника, родителите ќе треба да го пријават добиениот код на 071/395-395 каде што потоа ќе ги добијат дополнителните информации за овој проект.

Тој нагласи дека секој граѓанин на Скопје има право на сопствено дрво на иднина, а влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации.

Меморандумот за соработка го потпиша Град Скопје со ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство, ЈЗУ Специјалната болница по гинекологија и акушерство – Чаир, Ре-Медика и со Аџибадем Систина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top