Во Министерството за здравство утре во 14 часот ќе се одржи јавно отворање на понудите доставени на Огласот за доделување лиценца за вршење здравствена дејност – дијализа, со вклучени специјалистичко – консултативни прегледи во мрежата на здравствени установи.
Министерството на 27 мај годинава го распиша Јавниот повик, кој се однесува на четири реони во земјава. Во првиот реон, кој ги опфаќа Крива Паланка, Куманово, Делчево. Кочани, Гевгелија, Струмица и Штип, ќе се доделат седум лиценци.
Во вториот реон ќе се доделат 5 лиценци за Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Кичево.
И во третиот реон ќе се доделат 5 лиценци за Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци и Охрид, додека во четвртиот реон, во Скопско, ќе се додели една лиценца за обезбедување нов центар за дијализа во рок од 8 месеци од потпишување на договорот.
Лиценцата за вршење здравствена дејност дијализа се доделува за период од 20 години од денот на склучување на договорот.
Секој понудувач може да поднесе понуда за еден, неколку или за сите реони дадени погоре. Секој понудувачот мора да даде вкупна понуда за сите лиценци што се вклучени во секој реон. За секој поединечен реон ќе се спроведе посебно јавно усно наддавање. Предмет на јавно усно наддавање ќе биде вкупната цена за надомест за сите лиценци во реонот со минимално наддавање од 100 денари.
Единствен критериум за доделување на договорот е највисоко понудената вкупна цена за месечен надомест за сите лиценци за вршење здравствена дејност – дијализа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.