В сабота, на 31 март, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) е закажана премиерата на претставата „Без галама“ работена според текстот на Мајкл Фрејн, а во колективна адаптација. Режисер на претставата е Тони Михајловски.
Во претставата играат: Весна Петрушевска, Игор Џамбазов, Камка Тоциновски, Нино Леви, Арна Шијак, Александар Михајловски, Емилија Мицевска, Александар Ѓорѓевски и Стефан Спасов.
Сценограф е Татјана Христовска, а костимите ги изработија „Сињори“ и Ивана Кнез.
Ова е четврта копродукциска претстава која се поставува на сцената на МНТ, по „Госпоѓа Министерка“, „Која се плаши од Вирџинија Вулф“ и „Брачна игра“. Екипата која игра во претставата „Без галама“ е составена од искусни и докажани глумци кои ќе бидат надополнети со „млади сили“.
– Одамна на големата сцена на МНТ не е поставена комедија на ситуации, каква што е нашата претстава. Можеби последна таква е „Свадбата на Фигаро“ – вели актерката Весна Петрушевска.
Таа објасни дека скоро три месеци ја подготвувале претставата, а во меѓувреме се смениле и дел од актерите кои играат во комедијата.
– Постои легенда дека кога оваа претстава се играла во Велика Британија, столчињата во публиката биле влажни поради тоа што гледачите многу се смееле додека ја гледале претставата – рече Петрушевска.
Таа смета дека „Без галама“ треба да се игра почесто, иако публиката е таа која го дава последниот суд.
– Ние играме за публиката и таа нам ни е најголем репер. Сметам дека направивме добра претстава која долго ќе биде на репертоарот. Да се игра комедија е исклучително тешка задача. Но, сигурна сум дека ќе бидеме одлични и нема да ве разочараме – заврши Петрушевска.
Следната изведба на „Без галама“ е следниот ден, на први април. Билетите се пуштени во продажба на билетарницата на МНТ и чинат 600 денари (премиера) и 500 денари за сите следни изведби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.