Менаџментот на рудникот „Саса“ и синдикалните лидери постигнаа согласност за прекин на штрајкот и за почеток на преговори.
Од компанијата денеска соопштија дека на вчерашната средба била презентирана документација со кои било потврдено дека Синдикатот на МЕСО легитимно ги претставува интересите на дел од вработените во „Саса“ по што е договорено во рок од 20 дена синдикатите на МЕСО и СИЕР да формираат заеднички тим за преговори.
Постигната е и согласност за итен прекин на блокадата на пристапниот пат кон рудникот за да се избегнат натамошните штети за компанијата и за нејзини 700 вработени.
– Притоа, менаџменот на рудникот уште еднаш нагласи дека тие остануваат подготвени да разговаат за сите барања на вработените во САСА, но исклучиво според процедурите предвидени со Законот, се вели во соопштението.
На средбата од страна на менаџментот биле презентирани досегашните вложувања и развојни планови на новите инвеститори, компанијата Централ Азија Металс од Лондон, кои станаа сопственици на рудникот во ноември лани. Притоа е нагласено дека рудникот одбележал 500 денови без повреда на работното место и оти платите во компанијата се двојно повисоки од просечната плата во државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.