Пред Музејот на Град Скопје утрово тргна поворката симболично наречена Марш на живите, во спомен на депортираните македонски Евреи пред 75 години.
Учесниците на маршот се движат кон зградата на Тутунскиот комбинат (поранешен Монопол) на чествувањето пред споменикот на 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, кои во март 1943 биле собрани на тоа место и до крајот на месецот во три депортации со вагони однесени во логорот на смртта Треблинка.
Во поворката учествува и делегација од Владата предводена од премиерот Зоран Заев и заедно со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, кој денеска е во официјална посета на Македонија, ќе се приклучи во Маршот на живите на крстосницата кај Црвениот крст во центарот на Скопје.
На одбележувањето на годишнината пред споменикот на депортираните Евреи во кругот Монопол денеска присуствува и премиерот на Бугарија Бојко Борисов каде што, според најавата, ќе има обраќање зааедно со премиерот Заев и претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо Николиќ.
Подоцна денеска ќе има и седница во Собранието на Република Македонија, кое минатиот понеделник (5 март 2018) усвои Декларација посветена на 75 години од депортацијата на Евреите од Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.