| четврток, 6 декември 2018 |

Македонци работеа на видео-игра наменета за светска сцена (видео)

„Франтикс“ (Frantics) е видео-игра наменета за светски пазар на која работеше тим Македонци, а чија промоција ќе се одржи в среда (7 март) во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

Зад „Франтикс“ стои компанијата за видео-игри „Напнок гејмс“ (NapNok Games), чие централно седиште е во Копенхаген, Данска, меѓутоа има и свое претставништво во Скопје.

На играта две години работеа седумдесетина артисти, дизајнери, програмери и тестери, од кои 27 се од Македонија.

– Возбудени сме што конечно можеме да говориме за „Франтикс“, една од првите игри, којашто е ексклузивна за плејлинк-платформата, којашто подразбира комбинирање паметни телефони, телевизија и Плејстејшн 4. Фактот дека преку телефон може да се игра на Плејстејшн, говори за отворени можности, кои гарантираат забава и ново искуство. „Франтикс“ е многу социјална игра, којашто открива нови технологии и начини на комуникација – вели Дајана Димовска, косопственичка на „Напнок гејмс“.

Станува збор за игра, која на четири играчи ќе им овозможи забава преку различни мини-игри. „Франтикс“ е игра наменета за сите, без разлика дали се искусни во видеоигрите, односно не се потребни специфични вештини за да се игра, што ја прави одлична за забава.

„Франтикс“ е направена во копродукција  со „Сони плејстејшн“, што подразбира директна соработка со еден од најголемите светски издавачи на видео-игри.

„Напнок гејмс“ е компанија што постои седум години и досега има добиено бројни награди од областа на видео-игрите. Има свои претставништва во Копенхаген, Париз, Минеаполис и Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top