| четврток, 6 декември 2018 |

Сведоштво за пеколот доживеан на само четири години и битката да се откријат сексуалните злоставувачи

Прв пат бев сексуално злоставувана на четири години од близок роднина, кој беше човек со висока позиција во општеството и тоа траеше до шестгодишна возраст. Најпрво бев изманипулирана бидејќи бев мало дете кое не е свесно што се случува, единствено нешто што знаев е дека тоа што ми се случува, не смеам да го кажам на своите родители од страв дека нешто лошо може да им се случи ним, се само дел од зборовите со кои Сања Боризовска за „Република“ почна да ја раскажува голготата низ која минувала како дете. Наместо да му се радува на животот, да има среќно и безгрижно детство, до 18 години Сања живеела со страв дека не смее да прозбори за преживеаното, секојдневно борејќи се со траумата која ја носела во себе. Денеска, свесна дека сè уште постојат деца кои се физички и психички злоставувани, мотивирана дека треба јавно да се говори за ова за да се казни злоставувачот, таа е организатор на првата невладина организација која ќе гради прифатилиште за деца-жртви на сексуално, физичко и психичко злоставување - НВО „Омнис“

Зошто ја формира „Омнис“?

Мојата мотивација за да успеам во ова постои уште од 18 години, кога решив на моите родители да им ја кажам целата вистина за моето трауматично искуство со кое се соочив на четири години, а го преживував до шест години. Кога се отворив пред моите родители, мислев дека институциите ќе истапат, ќе ме поддржат и ќе го казнат сексуалниот предатор. Меѓутоа, излезе дека мојот глас, односно и самиот физички доказ кој што постоеше, не е доволен за судот да го казни. Сево ова ме поттикна сите мои активности да ги насочам кон основање на невладина организација која ќе им понуди целосна поддршка на жртвите, особено жртвите до 14 години, а истовремено ќе помага и при проблемот со педофилија.

Што точно преживеа Сања?

Прв пат бев сексуално злоставувана на четири години од близок роднина, кој беше човек со висока позиција во општеството и тоа траеше до шестгодишна возраст. Најпрво бев изманипулирана бидејќи бев мало дете кое не е свесно што се случува, единствено нешто што знаев е дека тоа што ми се случува не смеам да им го кажам на родителите од страв дека нешто лошо може да им се случи ним. Сексуалното злоставување беше психичко и физичко. Единствена причина поради која тоа заврши е што моите родители решија да се иселат од местото каде што живеевме и тој не беше во можност да дојде до мене и да продолжи со своето дело. Исто така, јас не бев единствена која беше злоставувана од овој човек – тој ѝ го правеше овој грозоморен чин пред мене и на својата едногодишна ќерка. Таа не се сеќава што ѝ се има случено, но има последици, страда од тешка психичка болест. Јас сите тие две години трпев вербално, психичко, физичко злоставување.

Не постоеше ли можност тоа да се открие порано?

Сексуалниот предатор живееше во моето соседство и бидејќи имаше роднинска врска со моите родители и беше многу почитуван од нивна страна, како дете мислев дека тоа е нормално, а тој поради таа блискост можеше полесно да ме изманипулира. Моите родители се интелектуалци, мајка ми е педагог, татко ми работи во МВР, но сепак тој успеа сето тоа да го направи незабележано.

Кога прв пат сфати дека тоа што си го преживеала е злоставување?

Поради тоа што бев дете, не бев свесна што ми се случува се до моја десетгодишна возраст. Тоа е најлошиот момент, тоа е исто како повторно сè да преживуваш од почеток. Сè тоа доаѓа како сеќавање. Целиот период, од шест до десет години, кога почнав да создавам социјален идентитет, кога почнав да разбирам што е добро, а што лошо. Во тој момент на целото тоа сеќавање му даваш идентификација, сфаќаш дека тој идентитет и сексуалниот развој кој треба да го градиш како личност немаш на што да го градиш бидејќи си бил ограбен од сета невиност, односно на десет години сфатив дека јас сум силувана. Првото нешто со кое самата се соочив беше недоверба, не верував дека тоа мене ми се случило. И за да можам да се уверам во тоа почнав да ги запишувам сите настани низ кои сум поминала со тој човек до најситен детаљ. Преку пишувањето видов доследност на тие настани, сфатив дека не е можно тоа да е сон, не е можно тоа да ми е некоја детска фантазија. Бидејќи како дете спомените ги градиме од влијанието на околината и тие се најчувствителни. Наеднаш почувствував бес, лутина, силна емоција која е навистина тешко повторно да ја преживуваш.

Како се одлучи да им кажеш на своите родители?

Одлуката да им кажам ја донесов кога веќе разбрав дека не можам повеќе на своите плеќи да го носам тој огромен товар. Молкот за толкава траума е едно тивко страдање. Како и сите жртви така и јас мислев дека тоа може да помине со текот на времето, но времето не е лек. Нема лек за овие лузни. Оваа болка како одминува времето станува се поголема, бидејќи личноста која поминала низ сексуално злоставување подоцна живее во страв за создавање врска со партнери, блиски контакти. Цело време во себе си ја носиш таа траума, чувствуваш недоверба кон луѓето кои те сакаат, дека некој ќе те повреди, ќе те искористи, злоупотреби или остави. Првиот синдром на жртвите кои се сексуално злоставени е недоверба и страв од личност со истиот пол како сексуалниот предатор.

Го пријавивте ли случајот?

Кај мене имав автодеструктивност, бунтовност, голем бес, но дојде време кога решив дека се тоа мора да излезе на виделина, бидејќи поинаку повеќе не може. Таа личност мораше да биде казнета. Моја цел беше ако не успеам јас да се излечам, барем да го предупредам целото општество и луѓето околу него. Не беше воопшто лесно, моите родители го сакаа само најдоброто за мене. Сакаа да биде казнет сексуалниот предатор, сама на себе си потврдив дека навистина се случило кога моите почнаа да се присетуваат на тоа дека тој многу често доаѓал кај нас, дури и мајка ми тогаш се прашувала зошто изразувал желба да ме чува и тогаш кога имало кој да биде со мене дома, додека тие се на работа. Прво нешто што направија ме однесоа на гинеколог, а таму се покажа дека имало траума. Меѓутоа, кај насја нема таа технологија, па не можеше да се докаже кога се случил чинот. Доказите беа слаби, поради што сексуалниот предатор помина неказнето. Кога видов дека мојот злоставувач помина неказнето, кога разбрав дека не сум единствена, добив мотивација да основам невладина која ќе им помогне на граѓаните во државата, на родителите, институциите да сфатат колку е голем овој проблем.

Сте слушнале ли за проблемите со кои живеат децата во домот „25 Мај“?

Лично пред осум годни јас бев известена за ваков случај за друг дом. Ми беше кажано дека се одбираат деца од ромска националност до 13 години. Особено се бараат за проституција. Се одбираа девојчиња во договор со вработени во домовите. Единствената реакција што јас ја имав за случајoт „25 Мај“ е тоа што бев изненадена што македонските граѓани се однесуваа незапознаено дека во Македонија ова се случува. Ова се случува со години и тоа е цела една мрежа на луѓе кои се многу добро организирани. Не е возможно само една личност да одговара и мора да се излезе на суд. Затоа апелирам до сите дека со оваа невладина организација јавно ќе ги изложуваме сите.

Како ќе делува оваа невладина организација на оваа проблематика?

Сакам да ги заштитам децата, особено на возраст до 14 години. Да се информираат за тоа што е здрав, а што е нездрав допир; за начинот на кој можат да бидат изманипулирани и како самите да се заштитат од предаторот. Бидејќи ова може да се случува и дома, а голема е можноста, а со тоа и шокот кај децата, и самите родители да не му поверуваат на детето. Едукацијата ќе ја посветиме на сите. Многу е битно да се заштити детето, бидејќи моментот кога е веќе дозволено тоа да се случи, тогаш веќе нема заштита, тогаш веќе треба да се работи на ресоцијализација, да се чека да прозбори жртвата… да не заборавиме дека има и момчиња-жртви. Во нашето двонеделно постоење веќе имаме пријава за дваесет жртви од кои две се момчиња. За жал, повеќето се малолетни, но има и возрасни кои сега се одлучуваат да прозборат. Бројката е сигурно многу поголема, но луѓето се срамат да кажат дека преживеале такво нешто, поради што многу сексуални предатори поминуваат неказнето. Затоа наша цел е да се осигуриме дека денеска секој сексуален предатор пред да помисли да нападне, да помисли дека може да биде фатен и казнет и да одговара за своето дело.

Македонија инаку ја има најстрогата казна за полов напад врз дете, минимум 15 години затвор до доживотно, тоа е заслужена казна, бидејќи сексуалниот предатор е сериски сексуален предатор кој никогаш не застанува на една жртва. Затоа сметаме дека треба да се воведе и биолошка кастрација. Имаме помош од психолози и педагог кои стручно пробоно работат со жртвите, имаме помош и од правни лица. Отворени сме да помогнеме колку што е потребно. Никој досега не излегол вака јавно да им каже на жртвите, на дечињата, дека не се сами, оваа траума ќе ја надминеме заедно.

Разговараше: К.Н.К.

Фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top