Kој влегол и кој излегол од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каква коса имал и каков автомобил возел, кој со кого се скарал во партијата, што настан или митинг ќе организира партијата, со кои медиуми соработувала, објавува денеска весникот Дневник.
Ова се главно податоците што ги собирале оперативците на ДБК во текот на раните 90-тите години за тогашната најголема опозициска партија, под изговор дека таму се вршат активности за уривање на уставниот поредок и подготовка на тероризам иако партијата тогаш веќе легално била регистрирана во суд, а имаше и свои претставници во Собранието. За досието „Темел“ (оперативното име на ВМРО-ДПМНЕ) биле издавани наредби за следење и од страна на поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, за кого Kомисијата за лустрација донесе решение дека давал наредби од политички мотиви.
Досието за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ стана дел од архивата на Собранието во 2001 година, кога ВМРО-ДПМНЕ преку тогашниот пратеник Филип Петровски побара парламентот да расправа дали има кршење на човековите права и дали постои одговорност кај министрите за внатрешни работи од 1993 до 1997 година што ги дале наредбите за следење, снимање на телефонските разговори, како и фотографирање личности од тогашното раководство на партијата. Kако што веќе објавивме, денес нема ни трага од документите во парламентот, а првиот човек Зоран Тодоровски ни посведочи дека не се предадени во Државниот архив.
– Досието за ВМРО-ДПМНЕ го поднесов во парламентот во 2001 г. Беше разгледано од Kомисијата и беа констатирани прекршувања на овластувањата на наредбодавците.
Меѓутоа, с` се затскри. Чудно е што досието го нема никаде, ниту во Државниот архив ниту во Собранието, значи некој го скрил. Јас ја чувам мојата копија. Среќа! Инаку, можеше засекогаш да биде скриена злоупотребата на првенците на СДСМ – ни изјави Петровски.
Она што може да се види во досието што го добивме од приватните архиви на Петровски е дека соработниците и службениците во ДБK испишувале страници и страници со информации кој влегол и кој излегол од регистрираното партиско седиште на тогашната најголема опозициска партија. Така, еден од најголемите документи во досието „Темел“ е Извештајот од набљудување и документирање на ДБK од 19 октомври 1995 година, кој е составен од дури 13 страници. На тие страници всушност е запишувано само кој влегол и кој излегол во ВМРО-ДПМНЕ. Непознатите луѓе се опишувани со кратки описи (пол, висина и боја на коса) додека, пак, дел од раководството е опишувано со оперативните имиња под кои ДБK им водела досие, а некои се пишувани со цело име и презиме. Во извештајот нема ниту еден збор дали лицата или возилата се на некој начин вклучени во подготовка на уривање на уставниот поредок или во организирање тероризам во земјата, што е наведено како законската основа во наредбите за следење на тогаш веќе законски регистрираната партија. Извештајот се однесува на една недела набљудување, односно првата информација е за 10 октомври 1995 г., рано наутро во 7.20, а последната е за 18 октомври 1995 година до 21.40 часот.
„10.10.1995 г. – Постепено на работа во 7.20. Во 10 часот пред ’Темел‘ со возило дојдоа две машки лица и откако го паркираа, влегоа внатре. Во 10.30 часот пред ’Темел‘ дојде една ТВ-екипа составена од три машки лица и влезе внатре. По кратко задржување од 2-3 минути излегоа и си заминаа. Во 10.35 часот со возило дојдоа возачот, ’Kнига-1‘ и ’Лејди‘, и влегоа во ’Темел‘ …11.10.1995 г. – … во времето од 13.05 до 13.15 часот во ’Темел‘ влегоа повеќе (5-6) телевизиски екипи и неколку фоторепортери (меѓу нив беа забележани ТВ-екипи на телевизија А1, Сител, KРТ и МРТВ). Во 13.20 часот во ’Темел‘ влезе и Борис Стојменов. Во 13.30 часот ’Kенгур‘, заедно со едно машко и едно женско лице, дојде во просториите со возило и откако го паркира, влезе внатре. Потоа ’Kенгур‘ и женското лице се појавија на терасата и го поставија новото знаме на Р. Македонија (возилото го возеше машкото лице)….12.10.1995 г. – … во 16.35 часот ’Швркнат’ излезе од ’Темел‘ и замина, а во 16.40 часот си замина и ’Паун’“…13.10.1995 г. – … забелешка: во времето од 14 до 18.10 часот во просториите на ’Темел‘ влегуваа повеќе машки и женски лица на возраст од 18 до 25 години, а потоа излегуваа и си заминуваа…“, пишува во Извештајот од 19 октомври 1995 година.
Kако линија на работа, т.е. основа за следење и оперативна обработка во досието на „Темел“ често се наведува „тероризам во земјата“. Таква е и наредбата, односно предлогот за примена на тајно следење – набљудување во земјата на еден функционер на ВМРО-ДПМНЕ што го добил псевдонимот „Паун“. Образложението што го дал инспекторот е дека за лицето „во последно време се добиваат сознанија за интензивирана активност насочена кон рушење на, со Уставот утврдени, демократски институции во земјата, зачестени контакти со негови истомисленици од повеќе градови во Републикава“. Во извештаите на ДБK, кои се однесуваат токму на „Паун“, исто како и во извештаите за седиштето, е наведувано кога влегол или излегол од партиското седиште и со кои лица се сретнувал, со тоа што лицата се опишувани само со пол, а не кои се и дали имаат некаква врска со тероризам.
„04.10.1995 г. – … Во 15.25 часот ’Паун’ излезе од просториите на ’Темел’ и на паркинг-плацот остана околу 10 минути, набљудувајќи ја околината. Потоа на ’Паун’ му се придружи едно женско лице, кое излезе од просториите на ’Темел’, се качија во колата и се упатија кон населбата Јане Сандански, возејќи претпазливо, а потоа отидоа во с. Лисиче…“, пишува во Извештајот на ДБK од 12 октомври 1995 година.
Сомневање дека, сепак, се работи за следење по линија на политички противници даваат и самите извештаи од соработниците на тајните служби, чија задача била токму оперативна обработка на самото седиште на партијата, кои биле пишувани рачно. Често во тие извештаи на местото „предмет“ стои „набљудување на просториите на партијата ВМРО-ДПМНЕ“, за потоа раководителот да ги прецрта зборовите „партијата ВМРО-ДПМНЕ“ и да напише „Темел“. (K.Н.)
Користени псевдоними
„Темел“ = ВМРО-ДПМНЕ
„Лејди“ = Доста Димовска
„Швркнат“ = Александар Диневски
„Kенгур“ = Иван Соколов
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фрчковски со закана до судиите дека ќе одговараат кривично, се создава судство по теркот на СДСМ!?
-
Фрчкоски открива детали од предавничкиот договор меѓу СДСМ и ДУИ: Прво ќе го смениме името
-
Како директорот- среднист Ордановски стана интелектуален рекетар на СДСМ
-
Заев стана послушник на лоби групи, ги минираше разговорите во Брисел




