Во продукција на Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ – ДАСТА АКАДЕМИЈА на 17 февруари 2018 година (сабота), со почеток од 19 часот, во Кинотека на Македонија премиерно ќе се прикажат три документарни и два играни краткометражни филмови на неколку млади македонски автори.
Документарците „Башески – мојот татко“ на Ирма Башеска-Ристовска (33`), „Да се биде Максут“ на Нихал Бејадинова (21`), „Боројевиќ“ на Мите Спасовски (18`), како и кратките играни „13 мај“ на Ирма Башеска-Ристовска (12`) и „Услов“ на Даниел Шикоски (18`) се дебитантски филмови создадени од мастер-клас програмите на професорот Владимир Блажевски, со соработник на сценарио на игран филм Дејан Дуковски на Филмската школа на ДАСТА АКАДЕМИЈА.
Студиската програма на Филмската школа на ДАСТА АКАДЕМИЈА се реализираше во учебната 2016/2017 година во форма на мастер-клас работилници и ги вклучи учесниците во програмата како рамноправни партнери во наставниот, уметничкиот, творечкиот и истражувачкиот процес, а со цел да го оспособи младиот уметнички филмски кадар самостојно да го препознае фундаментот на европската филмска авторска практика, да го запознае со нови технологии и творечки пристапи, но и да му посочи за значењето на оригиналниот уметнички израз.
Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ дејствува како културно – едукативен простор во кој се стимулира уметничкиот израз, став и набој, посебно инсистирајќи на ангажирано учество на публиката, за да таа не биде само пасивен реципиент, ами и чинител на уметничкото. Полето на интерес на Центарот е фокусирано на изведувачките, визуелните и аудиовизуелните уметности низ аспектите на глобалниот мултидисциплинарен, интердисциплинарен и трансдисциплинарен израз на создавање, претставување и интерпретација на современите уметнички форми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.