| четврток, 6 декември 2018 |

Темпирана бомба лежи во дворот на Охис во Скопје, пестицидот Линдан пронајден во крвта на 8-годишни девојчиња (видео)

Сите што треба, знаат дека во дворот на некогашниот гигант Охис во Скопје лежи темпирана бомба, но за нејзино деактивирање досега не е направено речиси ништо, објави “360 Степени”.

Илјадници тони токсичен отпад се депонирани овде во дворот на ОХИС. Отпадот е остаток од производството на пестицидот Линдан, кој се правел во фабриката. Меѓу токсичните супстанци, овде има и значителни остатоци линдан, кој од 2009-та е забранет за производство. Речиси една деценија подоцна, Македонија се уште бара начин како најбезболно да ја затвори оваа отворена рана.

Линданот е пестицид, кој порано се користел во земјоделството. Белиот прашок служел како инсектицид, а со неговото одвојување од другите соединенија се создала огромна количина токсичен отпад кој се депонирал на отворено.

Иако затрупани, смртоносните супстанции во ОХИС се сметаат за најжешка еколошка точка во Македонија, вели професорот по хемија, Трајче Стафилов.

„Отпадите се составени од различни хемиски соединенија, од кои еден е линданот.“, вели Стафилов.

Земјената покривка со која е покриен отпадот, не претставува никаква заштита, напротив. Земјата се контаминирала од отровите и така се создала уште поголема маса од четириесет илјади тони опасни супстанци кои со децении се оставени на отворено. Со текот на времето бетонските базени распукале, па со линдан се контаминирале и подземните води.

Истражувањето на професорот Стафилов покажало дека од севкупиот отпад кој и натаму се наоѓа во ОХИС, канцерогениот линдан е присутен со речиси 10 отсто. Високо токсични се и останатите 90 отсто од отпадните супстанции, кои се сметаат за потенцијално-канцерогени.

И државата помислила на проблемот, а првичните показатели од тестирањата биле изненадувачки и загрижувачки. Испитувањето на присуството на токсини во крвта кај 56 девојчиња, на неполни осум години, кај кои настапил предвремен развој на млечни жлезди, како вовед во пубертет, покажало присуство на линдан кај 10 отсто од тестираните деца. Девојчињата биле од различни делови на Македонија, а најмногу 40 од нив биле од Скопје. Студијата е направена во 2007-ма и во неа се констатира дека покачените нивоа на линдан кај оваа популација треба дополнително да се испитаат. Овие резултати се споменуваат и во брошурата за ОХИС која министерството за животна средина ја испечатило во 2014-та:

„Како неочекуван наод од студијата беа високите концентрации линдан во крвта на испитаниците, дури и во контролната група. Тоа беше причина за преземање на конкретни активности за конечно наоѓање решение за историските загадувања со линдан… во земјата.“, пишува во брошурата.

Но, освен отпадот кој го остави погонот „Линдан“, истражувањата на професорот Стафилов покажале дека ОХИС ја контаминирал средината и со жива и со остатоци од работата на другите погони.

„Значи, пет, шест пати повеќе жива имаме во подземните води од максимално дозволените.“, вели професорот Стафилов.

Како да се деконтаминира целиот простор, допрва ќе се бара помош од странски фондови за отпочнување студии. Иако тоа е бавен и скап процес, стручната јавност е децидна – доколку не се почне веднаш, под атмосферските влијанија отровите ќе се разнесат уште повеќе. За последиците, Стафилов посочува на еден познат пример од светот на труење со токсични супстанци.

Извор: 360 Степени

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top