| четврток, 6 декември 2018 |

Официјална Атина бара да се бетонираат позициите на Заев и Ципрас од Давос

Мистерија се преговорите што се одвиваа зад затворени врати помеѓу Зоран Заев и Ципрас во Давос. Како реакција на таквите преговори деновиве медијаторот Мејту Нимиц ги посети и Скопје и Атина. Тоа што падна во очи е реакцијата на политичкиот врв во Атина на изјавите на министерот Никола Димитров во врска со тоа дека нема да има промени во идентитетот. Медиумите во Атина ваквите изјави ги пречекаа буквално на нож. Некои наслови во тамошние медиуми беа дека Димитров на овој начин испукал торпедо спрема преговорите и во крајна мерка ги затегнал односите.

Дека во Давос било преговарано и нешто плус освен промена на името е потврдата и од Никос Коѕијас. Тој испровоциран од изјавите од медијаторот Нимиц дека не чул никој во Атина дека има проблем со нашиот идентитет во изјави за грчките медиуми кажува дека преговорите мора да се одвиваат во насоката што била поставена на средбата во Давос
– На брифингот кој го имав со Нимиц во врска со неговите разговори во Скопје, јас јасно му ставив до знаење дека преговорите можат да се спроведат единствено во насока на тоа што беше договорено во Давос. Имено добронамерни преговори секогаш се базираат на веќе усогласените работи. Јас имав долг разговор вечерва со специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН Метју Нимиц, кој дојде од Скопје. Од моја страна му беше јасно предочено дека тој не е овластен да зборува за политиките на Атина, ниту да ги интерпретира на погрешен начин – вели Коѕијас.
Дека македонската страна крие нешто и во континуитет ги лаже граѓаните дека не се преговара за идентитетот потврда стигна и од портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕакопулос. Тој во интервју за грчката телевизија вели дека Димитров со ваквата изјава им штети на преговорите и дека ваквите изјави не се во согласост со преговорите во Давос помеѓу Ципрас и Заев.
– Мислам дека изјавите на г. Димитров не им помагаат на преговорите во оваа насока, бидејќи знаат многу добро и министерот за надворешни работи на соседот, а овие прашања беа разговарани на средбата на двајцата премиери Заев и Ципрас, дека постојат специфични барања, политички барања, за да можеме да излеземе со заемно прифатлив договор што ќе затвори едно прашање за кое многу пати зборувавме дека трае 25 години но всушност трае многу подолго – рече Ѕакопулос.
Тој притоа уште еднаш ги посочи трите столба како што ги нарекува се со цел да се дојде до договор а подразбира промена на Уставот на Македонија.
– Првото е сложено име, второто е тоа што го нарекуваме ерга омнес, име за севкупна употреба. Сложено име за севкупна употреба кое го вклучува и соседот. Нешто што значи дека има потреба од уставна ревизија за да оже ова ерга омнес да добие форма и содржина. И третото прашање е тоа што се однесува на иредентизмот што исто така, е поврзано со уставна ревизија – рече Ѕакопулос.
Ваквото отварање на грчката страна помалку дојде како изненадување за македонската јавност. Да се потсетиме што кажа Димитров на заедничката прес-конференција со медијаторот Метју Нимиц.
– Јазикот и нацијата не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука, туку е резултат на историски процес. Прашањето е многу поголемо и од мене и од преговарачот и воопшто од целата генерација на денешните политичари, па веројатно и на идните. Ако дојдеме до таа точка, до идентитетот, нема да има решение. Но, жално ќе биде ако две европски држави ова не го препознаат  -рече Димитров.
Од ваквите изјави видливо е дека владата на СДСМ во Давос преговарала за речиси се со грчката страна. Преговараме па дури и за прашања за кои и Меѓународниот суд на правдата во својата пресуда вели дека Уставот на Македонија не содржи елементи за иредентизам. Колку од тоа е прифатено останува да видиме во периодот што следува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top