| четврток, 6 декември 2018 |

Пензија ќе добиваат и оние кои никогаш не работеле?

Старосна пензија ќе добиваат сите жени и мажи кои ќе наполнат 65 години, а не ги исполнуваат условите. Право на државна пензија ќе имаат граѓаните кои во последните 20 години живееле во Македонија. На почетокот, таа ќе биде во висина од 40 отсто од просечната старосна пензија, што пресметано во моментов е околу 5.300 денари.

Оваа новина е предвидена со Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 година, а мерката треба да се имплементира до 2020 година, пишува Вечер.

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека овој проект бил презентиран уште на почетокот на декември, лани, на седница на Советот за социјална сигурност и во моментов се прибираат и анализираат податоците, по што во најкраток период ќе достават предлог-решенија за воведување на овој вид на пензија.

– За реализација на оваа мерка потребна е анализа со која ќе се дефинира опфатот на граѓани и тоа, граѓани кои живеат на територија на Република Македонија имаат македонско државјанство и имаат живеалиште на територијата на државата. Исто така, целта е да се опфатат и граѓани кои веќе имале период на осигурување и определен период на работен стаж во Република Македонија, но тој стаж е под 15 години и немаат стаж на осигурување во друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување или, пак, со странскиот пензиски стаж и македонскиот пензиски стаж не ги исполнува условите за старосна пензија, информираат од Труд и социјала.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top