Во други околности треба да се бара решение на името, вели лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, кој пред политичкиот комитет на партијата упати остри критики кон грчката Влада во однос на тоа како се однесува со прашањето за името.
Во присуство на поранешните премиери, Костас Караманлис и Андонис Самарас, јавува дописникот на МИА од Атина, Кирјакос Мицотакис детално објаснил што ќе направел доколку во негови раце беа преговорите за името. Ќе почнел од тоа да ги информира лидерите на политичките партии, како што било случај во 2008, ќе ги обединел силите, а не, како што вели, да ги подели сите: граѓаните, црквата, партиите, но и ќе побарал промена на македонскиот Устав.
– Преговорите ќе ги почнев од прашањата поврзани со иредентизмот и ќе чекав да видам опипливи чекори во однесувањето на другата страна, пред да поминам во следната фаза. Немаше да разговарам за ништо, ако Скопје прво не се обврзеше дека ќе го сменат нивниот Устав. И немаше да прифатам никакво споменување на македонска нација, како што направи господинот Нимиц, без да добие никаков одговор од владата. Ќе се потпрев на довербата на народот. И верувам дека така ќе можевме да стигнеме до заемно прифатливо решение, истакнал Мицотакис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.