Српската ракометна репрезентација загуби од Хрватска и Шведска на континенталниот шампионат, кој е во тек во Хрватска, а се појавија информации дека дошло до голем конфликт помеѓу селекторот Јовица Цветковиќ и потпретседателот на Ракометната федерација на Србија Драган Шкрбиќ. Сега следува нов шок за српскиот ракомет.
Најдобриот репрезентативец на Србија, Петар Ненадиќ, по десет години во репрезентацијата најави дека ова ЕП ќе биде последно за него во репрезентативниот дрес.
Новиот член на Веспрем тргна по стапките на својот нов клупски соиграч и некогашен колега од репрезентацијата Момир Илиќ.
– Пауза или простување, се уште не сум сигурен. Во секој случај, потребна ми е пауза во секоја смисла, по доста години и само две пропуштени големи натпреварувања во државниот дрес. Времето ќе покаже дали ќе биде пауза или простување. Тоа е моја одлука и истата не е избрзана. На некои луѓе веќе им беше најавена. Тоа е реално. Мојата цел беа Олимписките игри во Токио, но се повеќе гледам дека на мојот организам му е потребно повеќе време за одмор. Ни самиот не сум задоволен од игрите кои ги пружам во репрезентацијата. Доаѓам по исцрпувачки месеци во клубот. Како репрезентација единствено бевме конкурентни за врвот во 2012. година. Ние сме уште една пропуштена генерација, особено мојата – изјави Ненадиќ.
Од одлуката на Ненадиќ е изненаден и селекторот Цветковиќ.
– Ова со Ненадиќ и за мене е изненадување. Иако, немојте да се чудите ако уште некој се јави дека не сака да игра за репрезентацијата. Не треба да ги обвинуваме играчите за тоа. Ќе има се повеќе ситуации кога клубовите нема да им дозволуваат да играат за државниот тим – изјави Цветковиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


