Вечерва од 20.30 часот македонската ракометна репрезентација ја очекува вториот меч на европското првенство во Хрватска од групата Ц каде за противник ќе го има тимот на Црна Гора. Ова ќе биде прв офоцијален меч против Црногорците бидејќи од осамостојувањето на Црна Гора па досега, овие две селекции единствено се среќавале на пријателски натпревари, вкупно шест.
Македонија има четири победи и само еден пораз (на првиот меч во 2013 година), додека еден дуел завршил со нерешен резултат (30:30) во ноември 2015 година.
Црна Гора уште пред почетокот на првенството се сметаше за аутсајдер во групата, а по загубата на вардаровиот бек Вуко Борозан, остана без клучниот играч. Токму затоа Македонија важи за фаворит на оваа средба, а и обложувалниците нудат доста мал коефициент за победа на нашата репрезентација.
Манасков: Не сме велесила и мора да се испотиме за нов триумф
Стрелецот на осум гола на дуелот против Словенија, Дејан Манасков јавно упати апел да се смири непотребната еуфорија и порача дека ќе мора максимално да се потрудат на теренот за да ја совладаат Црна Гора.
– Победивме и се дигна некоја еуфорија, се спомнуваат медали и не знам уште што. Ова е само еден натпревар и мора да сопреме со тие приказни. Утре е нов натпревар и уште ништо не сме направиле. Треба да бидеме сконцентрирани и скромни – да не летаме во облаци. Ние не сме велесила и мора да се испотиме за да ја добиеме Црна Гора, вели Манасков од Хрватска.
Митревски: Црна Гора има одлични бекови
Голманот Никола Митревски кој на саботниот натпревар против Словенија внесе свежина и со одбраните го најави пресвртот, очекува уште подобра игра на „црвено-жолтите“.
– Дуелот со Словенија е веќе зад нас, а пред нас е натпреварот со Црна Гора. Треба да се претставиме во исто такво светло и со Црна Гора, која евидентно не играше најдобро против Германија. Ќе бидат и дополнително мотивирани. Тие се репрезентација со одлични бекови, иако се ослабени бидејќи нема да им игра Борозан. Јасно е дека и ние треба да бидеме подобри од тоа што го одигравме во саботата, вели Митревски.
Црногорскиот селектор: Македонија игра типичен шпански ракомет
Селекторот на репрезентација на Црна Гора, Драган Ѓукиќ вели дека и покрај тоа што Македонија во овој натпревар важи за фаворит неговите момци не губат надеж.
– Македонците имаат две ударни тупаници – Лазаров и Манасков кои најмногу шутираат и постигнуваат најмногу голови. Но, се се случува на линијата на средниот бек Миркуловски – пивотменот Стоилов. Ако го запрете тоа, може да ја запрете и Македонија. Македонија игра типичен шпански ракомет, сигурно до гол со пивотмен кој е тешко да го чуваш. Често изнудува исклучувања и речиси е незапирлив во игра еден на еден. Од друга страна ако останете „плитко“ да браните, го имате шутот на Лазаров или две одлични крила, така што тоа не е лесно да се реши, вели Ѓукиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
И домаќинот остана без полуфинале – Хрватска загуби од Франција
-
Распродаден мечот Хрватска – Франција, карти „на црно“ се нудат и за 1 300 евра
-
Хрватска ја совлада Норвешка и ги задржа шансите за пласман во полуфинале
-
Повторно ќе ни суди истата двојка: Еве кои судии ги одреди ЕХФ за утрешниот дуел Македонија – Шпанија