Големината на становите, бројот на собите, атрактивноста на локациите за градење, вредноста на станбениот квадрат и предностите на населбата во која се наоѓа станот се некои од најзначајните податоци кои можат да ви помогнат при купувањето на нов дом во македонската метропола.
Во поглед на големината на становите, инвеститорите во недвижности во изминативе пет години биле насочени првенствено кон изградба на двособни и трисобни станови.
Според последните статистички податоци, во октомври 2017 година се издадени вкупно 400 одобренија за градење, што претставува зголемување од 37,5 отсто споредено со октомври 2016 година. Во однос на претходниот месец, кога биле издадени 222 одобренија за градење, бројот на издадени одобренија за градење бележи пораст од 80,2 отсто.
Општина Аеродром
Голем број луѓе го сакаат живеењето во овој дел на Скопје поради тоа што грото од населбите се плански градени по земјотресот. Урамнотежената распределба на зеленило, паркинзи за автомобили и станбени згради ја издигнуваат оваа општина високо на листата на атрактивност.
Близината и бројноста на градинките, училиштата, спортските терени и трговските центри им овозможуваат на жителите да ги задоволат своите секојдневни потреби. Пристапот до централното градско подрачје е решен со бројни автобуски линии, а на територијата на Општина Аеродром се наоѓа и Транспортниот центар-Скопје.
Општина Карпош
Втори на листата на атрактивност се становите во Општина Карпош. Статистичарите имаат регистрирале изградба на 383 нови станови, со површина од 26.548 метри квадратни. Граѓаните покажуваат интерес за живеење таму најмногу поради мирната и спокојна средина која сепак е блиску до централното градско подрачје. Вреди да се спомене близината на Градскиот парк и бесплатниот јавен паркинг на територијата на целата општина.
Веднаш по земјотресот од 1963 година, во населбите од Општина Карпош плански се издигнати образовни и спортски објекти, заедно со театар, кино сала и трговски центри. Сите автобуски линии што транзитираат во правец исток-запад минуваат токму низ населбите од оваа општина.
Општина Центар
Завршувањето на обврските во најкус можен рок е возможно единствено ако живеете во срцето на градот. На купувачите на станови центарот им е привлечен поради продавниците коишто работат 24/7, но и огромниот број на кафе-барови, ноќни клубови и ресторани за излегување во вечерните часови.
Купувањето на ново живеалиште во централното градско подрачје овозможува лесна достапност до културно-уметнички содржини во текот на неделата, но и сигурен закуп со добра заработувачка на самиот стан во текот на наредните децении.
Општина Кисела Вода
Купувачите многу често се одлучуваат да го изберат својот нов дом во Општина Кисела Вода и од неколку други причини: бројот на градинки, основни и средни училишта е на солидно ниво, додека околината на станбените згради привлекува со мир и тишина. И конечно, Министерството за внатрешни работи (МВР) во својата евиденција ги води населбите Драчево и Кисела Вода како посигурни делови на Скопје, со најмалку тешки кражби. Високото ниво на безбедност ја прават оваа скопска општина примамлива за купувачите на нови станови.
Пред да се впуштите во потрага низ градот, на вас останува да си одговорите на прашањето дали под прозорецот од станот очекувате да има кафе-бар, дрвја или игралиште за деца. Вреди да се запамети дека обезбедувањето на животен простор е долгорочна инвестиција, за која е неопходно да се земат во предвид бројни информации.
(извор – Скопјеинфо)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.