| четврток, 6 декември 2018 |

Француска компанија ќе управува со белградскиот аеродром

Со аеродромот „Никола Тесла“ во Белград ќе управува француската корпорација „Ванси ерпортс“ (Vinci Airports), соопшти српската премиерка Ана Брнабиќ и кажа дека таа компанија дала најдобра понуда за концесија.

Според Брнабиќ, приходите од концесијата и инвестицијата во наредните 25 години ќе изнесуваат 1,5 милијарди евра и дека по 25 години аеродромот ќе и биде вратен на Србија.

Француската компанија веќе управува со осум аеродроми во светот.

Според медиуми, „Ванси ерпортс“ понудиле 501 милион евра за концесија за аеродромот на 25 години, со инвестициска обврска од 732 милиони евра. Годишната такса ќе изнесува од 5 до 16 милиони евра.

– Презадоволен сум од овој успех на Србија, навистина не очекував дека ќе понудат 501 милион евра, истакна Вучиќ, додавајќи дека со ова се постигнал огромен успех.

– Ова значи дека Србија напредува во споредба од пред пет години. Тогаш мислевме да го дадеме аеродромот под концесија и ни рекоа дека можеме да добиеме максимум 40-50 милиони евра за однапред платена програма на 25 години, изјави Вучиќ, нагласувајќи дека сега се добиени една милијарда и 468 милиони евра.

Според договорот компанијата „Ванси“ вети дека нема да има отпуштања на вработени и има обврска да не ја зголемува аеродромската такса.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top