Без никаква претходна најава и без согласност од корисниците, операторите Вип и Телеком на 1 јануари од своите кабелски телевизии ги отстранија каналите Дискавери и Еуроспорт и ги заменија со други. Граѓаните се револтирани од ваквата постапка, на социјалните мрежи на големо се критикува, операторите не даваат објаснување, а регулаторот, Агенцијата за електронски комуникации, информира дека незадоволните корисници можат да ги раскинат договорите со нив без да плаќаат казнени пенали, пишува дневниот весник Вечер.
– Кога се склучува договорот, операторот се обврзува дека ги гарантира каналите што ги нуди во тој момент. За да ги смени прво треба да го извести корисникот и од него да добие потврден одговор. Доколку не го стори тоа, а направи промена на каналите, тогаш корисникот може еднострано да го раскине договорот без да плаќа пенали за предвремено раскинување, информираат од АЕК и додаваат дека извесни проблеми би имале оние корисници кои купиле некаква опрема од операторите со кои имаат договор, како телевизор, телефон и слично.
Оттаму додаваат дека преку нивната веб-страница и на бесплатниот телефонски број до вчера немало многу поплаки од граѓани, но очекуваат дека бројот ќе биде многу поголем за десетина дена, откако граѓаните ќе ги завршат процедурите со поплаки кај операторите, зашто, како што додаваат, сметаат дека поголем дел од корисниците ги прочитале договорите и знаат дека прво треба да се обратат кај операторите.
– Ние ќе им помогнеме да го решат проблемот. Ќе им издадеме решение дека операторот го прекршил договорот и претплатникот може во секој момент да го раскине, информираат од Агенцијата.
До медиумите се обратија и Дискавери и Еуроспорт преку својата хрватска ПР-служба. Тие информираат дека операторите ги укинале претставителните брендови како што се Дискавери каналот, ТЛЦ, ИД, потоа Еуроспорт 1 и 2.
– За жал, македонските гледачи нема да имаат повеќе пристап на најголемите светски спортски настани кои се прикажуваа на Еуроспорт, како што е Бундес лига, следната сезона на Грен слем, првата од многуте Олимписки игри во февруари која е комплетно покриена од страна на нашите спортски канали, информираат тие и додаваат дека Оне.Вип и Македонски Телеком симултано ја донеле одлуката да ја прекинат долготрајната соработка со каналите и покрај нивната добра волја за преговори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.