| четврток, 6 декември 2018 |

Звер: Има големи тензии во ЕУ поради Македонија

milan zver

Европратеникот Милан Звер за Канал 5 вели дека не фер ако и овој пат Македонија извиси и дека тоа лошо ќе се одрази на угледот на ЕУ.

Новото НЕ за Македонија на Самитот во јуни ќе биде доказ дека постои голема тензија меѓу институциите во ЕУ. Знак кој алармира дека комуникацијата меѓу Европската комисија и Европскиот совет е во криза. Европратеникот Милан Звер за Канал 5 вели дека не фер ако и овој пат Македонија извиси и дека тоа лошо ќе се одрази на угледот на ЕУ.

– Ова е знак дека соработката меѓу европските институции не е најдобра. Вака големи тензии никогаш немало, не само поради Македонија и извештајот туку и поради дебатата на тема буџет и други заеднички прашања. Не сум сигурен дека преговорите меѓу институциите во ЕУ околу проширувањето успешно ќе завршат. Никогаш не било вака тензично како што е сега, а тоа не е добра порака – вели Звер.

Европската унија со својата политика ги приморува македонските граѓани да не сакат да влезат во Европската унија, вели Звер. Според него, огромни се последиците што седум години по ред земјава ја држат во иста точка. Европратеникот вели Грција слабее, но се уште ќе треба време за да нема влијание врз македонските преговори.

– Ако Македонија нема да биде на Самитот тоа ќе биде лоша порака не само за македонските граѓани туку за сите во регионот. Пораката нема да биде добра. Треба уште малку да почекате, јас верувам дека имате уште трпение да чекате датум, до тогаш Македонија мора да се модернизира во сите сегменти, во некои работи се сте подобри од некои земји членки, имате подобар економски раст од некои земји членки или од ЕУ во целина. Треба да причекате ова се историски процеси за кои треба време. Јас верувам дека Македонија ќе дојде до целта – објасни тој.

Извесно е македонските преговорите да се остават да се разгледуваат во декември на следниот Европски совет. Дотогаш членките на ЕУ ќе бараат нов напредок за името, па дури и во услови кога Атина не прифаќа никакви дискусии ниту средби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top