| четврток, 6 декември 2018 |

„Мама миа!“ каков мјузикл направи МНТ!

Со бурен аплауз и овации беше поздравена премиерата на мјузиклот „Мама миа!“ која се одржа синоќа, на 24 декември, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во режија на Наташа Поплавска. Кореографијата е на Олга Панго и нејзината асистентка Ирена Лозинска, а со оркестарот диригира Бисера Чадловска.

Репризата е утре, на 26 декември, а до крајот на годината има уште две изведби, на 28 и 29 декември. Картите чинат по 1.200, 1.000, 800 и 600 денари. Билетите за изведбата на 28 декември се распродадени, а уште малку карти има за 26 и за 29 декември. Во јануари „Мама миа!“ е на репертоарот на 12, 13 и 23.

Ова е втор лиценциран мјузикл на сцената на МНТ, по „Чикаго“, кој имаше огромен успех. Македонскиот национален театар има хит-претстава која се гледа во еден здив. Со музика од крајот на седумдесетите години од минатиот век, со светки, конфети, „шљокици“, диско топка и хитови на шведската поп-група АББА, „Мама миа“ е мјузикл кој одлично ја забавува публиката. Се игра, пее, танцува, глуми и свири и пофалбите се за сите седумдесетина актери, танчери, музичари, придружни вокали кои се вклучени во изведбата на мјузиклот.  Претставата трае неполни три часа, со пауза, но во ниту еден момент нема да погледнете на часовникот. Времето лета брзо во овој динемичен мјузикл кој ќе биде интересен и за помладата публика која не растела со хитовите на АББА.

„Мама миа“ е еден од најизведуваните мјузикли. Приказната е позната и прикажана на филм – тинејџерката Софи (Нина Деан) е во потрага по својот вистински татко на еден грчки остров. Во пресрет на свадбата Софи сака да го открие идентитетот на својот татко, па така, ги кани тројцата мажи (Владимир Јачев, Трајче Ѓоргиев и Кире Ѓоревски) од минатото на мајка си Дона (Билјана Драгичевиќ Пројковска). За дејствието да биде поинтересно, тука се другарките на Дона, одличните Тања Кочовска (Рози) и Арна Шијак (Тања) кои треба да ја потсетат Дона дека еднаш, пред многу години била вистинска диско-кралица. Приказната се раскажува преку хитовите на АББА. Песните, односно хитовите на АББА се на македонски јазик, а препевот е на актерката Тина Трпковска, која одлично си ја завршила работата. Преку песните и преводот лесно се следи дејствието во претставата. За крај, како што стои во договорот, единствено песната „Ватерло“ беше изведена на англиски јазик а ја отпеаја актерите Драгичевиќ- Пројковска, Кочовска, Шијак, Јачев, Ѓоргиев и Ѓоревски за совршен крај на „Мама миа!“.

Дел од главните ликови во мјузиклот имаат алтернации, па така на местото на Нина Деан е Јана Стојановска, Висар Вишка е замена за Кире Ѓоревски (Сем Кармајкл), а младиот Петар Стојанов е алтернација на Никола Наковски, кој го глуми Скај, свршеникот на Софи.

Во мјузиклот уште играат и Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев.

Подготовкитте за претставата траеле една година, а актерите, танчерите и музичарите мјузиклот го подготвувале два месеци. „Мама миа!“  е копродукција помеѓу МНТ и словенечката компанија „Проспот“ која ги има ексклузивните права за мјузиклот „Мама миа!“ во земјите од регионот.

Сценографијата , според веќе готовиот модел на Словенците, е дело на Александар Дениќ, а костимите се на Роза Трајческа-Ристовска. Придружни вокали се корепетиторките од ФМУ Сара Николовска и Ана Костадиновска.

фото: Емил Петро

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top