| четврток, 6 декември 2018 |

МТВ ги загуби правата за пренесување на Лигата на Шампионите!

Тоа што се шпекулираше подолго време, а почна со губењето на правата за пренесување на квалификациските натпревари на фудбалската репрезентација, сега доаѓа како уште една лоша вест. Од наредната сезона Лигата на шампионите нема да оди на Македонската национална ТВ, јавува порталот Спорт 1. Или наједноставно речено – нема веќе бесплатно гледање ЛШ во Македонија!

Денеска УЕФА го соопшти списокот на телевизии, продукциски куќи и телекомуникациски оператори кои ги добиле ТВ правата за наредните три години, а меѓу нив не е МТВ. За првпат во историјата. Затоа пак, правата за пренесување на ЛШ ги откупил Македонски Телеком АД Скопје.

Ова е слична ситуација од пред неколку години кога истата телекомуникациска компанија од 2012 до 2015 година ги имаше ТВ правата за ЛШ, но ги пласираше преку каналите на спортскиот канал Арена. Но од 2015 наваму, токму Арена ги имаше правата за натпреварите, а МТВ пренесуваше само еден меч неделно (тој во среда) – вкупно 15 средби во сезоната и финалето.

Сега ситуацијата е поинаква. Македонски Телеком АД веројатно ги има откупено истите права како што досега ги имаше МТВ. Тоа значи еден меч неделно. Неофицијално, до лани МТВ за тој пакет плаќаше 300.000 евра по сезона, а годинава на тендерот понудил повисока сума, која „не поминала“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top