| четврток, 6 декември 2018 |

Малиот херој: Деветгодишно момче се одрекло од Xbox за Божиќ за да им купи ќебиња на 60 бездомници (видео)

9-годишното момче Мика Фрај се откажало од својот најскап божиќен подарок, конзола Xbox, за да може да им купи ќебиња на бездомниците.

Тој ги забележал бездомниците кои се смрзнувале на студеното време кога се шетал со неговата баба низ Ешленд во Висконсин, а потоа веднаш изразил желба да им помогне. Неговата баба му предложила да се одрече од еден од своите божиќни подароци и со тоа да им купи ќебиња на несреќните луѓе.

Мика притоа пресметал колку ќебиња би можел да купи доколку се одрече од ваквиот подарок кој требало да го добие за Божиќ.

Тој со парите купил над 60 нови ќебиња, а истите ги донирал во добротворната организација “Access” која претходно му помогнала на неговото семејство. Мика со своето семејство минувал низ слични искуства кога завршил во засолниште за бездомници.

Сара Браун, мајката на деветгодишното момче, изјавила дека пред три години тие имале финансиски проблеми:

– Мојот сопруг, Мика и јас останавме без својот дом, а со тоа бевме приморани да живееме неколку недели во засолниште сè додека не се снајдеме – изјавила госпоѓата Браун.

Детето со секое ќебе оставило и порака која завршувала со зборовите:

– Денес живеам во сопствен дом, еден ден ќе живееш и ти. Твојот пријател, Мика…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top