Разнишано ли е владејачкото мнозинство во Парламентот? Се поизвесно е дека она за кое се зборуваше околу локалните избори сега се реализира. Иако премиерот минатата недела демантираше дека ќе има реконструкција во владата, сите актуелни партиско-политички математики водат кон тоа дека она што можеше да се нарече цврста владина коалиција на почетокот, сега веќе нема гаранција за опстанок.
Во владата и денеска тврдат дека нема поголема реконструкција, ами само пополнување на испразнетите министерски места.
„Мислам дека собраниската агенда не дозволува какво било разгледување на нови предлози до 25 декември, така што ќе се искористат овие денови за дополнителни консултации по однос на ова прашање. Барем според тоа што до денеска е разговарано, не очекувам да има поширока реконструкција на Владата, туку начелно пополнување на испразнетите места по локалните избори“, рече вицепремиерот Бујар Османи.
Извори на Алфа велат дека Зијадин Села нема да прифати друго министерско место освен фотелјата во здравство. Се поизвесно е дека неврохирургот Венко Филипче ќе биде предлогот за нов министер од СДСМ. За Села ова е неприфатливо, па се очекува да излезе од власта.
Веќе извесно време се зборува и са вклучување на ДПА, која би добила некој ресор за да го надополни евентуалното намалување на мнозинството, но од партијата на Тачи, за сега молчат.
Неофицијално, на ДУИ треба да му припадне министерството за реформи, но од партијата на Ахмети за Алфа, неофицијално велат дека такво нешто едноставно нема да помине.
Во меѓувреме, пратеникот Весел Мемеди, кој е на оваа позиција благодарение на неговата припадност во коалицијата Алијанса за Албанците, се огради од ставовите на Села, потенцирајќи дека дури и да изгуби единственото министерско место во локална самоуправа, нема да му сврти грб на Заев.
Се очекува ДУИ да се изјасни јавно за неговите предлози за ресорите. Нејасна останува позицијата на Амди Бајрам, кој за разлика од опозициската коалиција која не учествува во собраниските тела, редовно се појавува во Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.