Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ го промовираше Хрватско-македонскиот речник, кој пред две години излезе во Загреб во издание на Матицата на Македонците во Хрватска. Со овој обемен лексикографски труд (со 30 447 зборови на 1246 страници) се исполнува празнина во културните врски меѓу Македонија и Хрватска. А токму со таа земја се поврзани два значајни настана во историјата на македонската литература – во Загреб во 1861 година е објавен Зборникот на Миладиновци, а во Самобор во 1939 година – стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин.
Авторки на Речникот се Дијана Влатковиќ и д-р Борјана Прошев-Оливер од Хрватска. Рецензент на колоната со хрватски зборови и толкувања е проф. д-р Марко Самарџија, а на колоната со македонски зборови и толкувања рецензентки се проф. д-р Лидија Тантуровска и проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик. Изработката почнала во 2009 и траела шест години.
– Според концепцијата и методологијата на авторките Речникот ги надминува рамките на обичен двојазичен речник и затоа, слободно може да се допише во неговиот наслов и зборот: толковен. Тоа подразбира дека за секој заглавен хрватски збор има повеќе значења и за секое има толкување на хрватски, а потоа таа лексема (со сите значења) има соодветен превод на македонски јазик и има македонско толкување. Затоа го сметаме за толковен, а не за обичен речник, вели д-р Тантуровска, научен советник во Институтот за македонски јазик.
По промоцијата во Загреб, Речникот имал убав одек во хрватската јавност, а веќе има идеја од авторките за препечатување на ова издание. Да се прочисти и дополни со она што недостасува во првото издание, зашто се поминати две години, а јазикот е жива материја.
Се планира да се направи и македонско-хрватски речник што е, исто така, макотрпен процес. Тоа не би било само обично, автоматско префрлање на колоните, затоа што секој јазик е различен во општествено-културен контекст.
– Се случува некоја лексема да нема свој соодветник во колоната на другиот јазик. На пример, во хрватскиот има зборови од, условно кажано, приморска терминологија, кои ги нема во македонскиот јазик, или ги има во ограничена употреба. Тоа е врзано, меѓу другото, и со културологијата и тие се културолошки лексеми, кои се специфични за еден јазик. Тоа е позната појава во лексикологијата и лексикографијата. На пример во Исланд има зборови за петнаесет нијанси на бело, за разлика од кај нас, каде што сите би се превеле со: бело, рече Тантуровска.
За хрватскиот јазик е карактеристично преведувањето на странските зборови односно наоѓање нивна замена. Во Хрватска годишно се распишува и конкурс за предлагање нови зборови, кој го организира специјализирано списание под покровителство на издавачка куќа, и е отворен за целата јавност. Се прифаќаат три предлози, кои се наградуваат, а одѕивот е голем. Интересно е што голем број од предлозите успеваат да се пробијат во јазичната практика. Пример е зборот „zaslon“ наместо екран, или „dodirnik“ кој значи екран на допир (популарно кај нас: тачскрин). На последниот конкурс беа наградени: „istovrijednik“ како замена на зборовите „istovrijednik“ како замена за зборот еквивалент, „podzemnica“ наместо метро и „zaslonik“ за таблет.
извор:МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.