Детската електронската сликовница „Иван и Илина“ што излезе деновиве во издание на Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ – Скопје (на веб страната www.sinataptica.org.mk), е приказна од нашето секојдневје, која отсликува реални ситуации кога едно типично дете ќе се сретне со дете со Даунов синдром. Автор на приказната е Мимоза Петревска Георгиева – новинарка и мајка на 14-годишно девојче со Даунов синдром, илустрациите се на академската сликарка Маја Стефановска, а дизјанот е на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ.
– Целта на сликовницата „Иван и Илина “ е да ги отслика реланите ситуации кога едно типично дете ќе се сретне со дете со Даунов синдром. Таа зборува за запрашаноста, дилемите и стравовите со кои се соочува тоа дете и неговата потреба од соодветни одговори. Точноста и прилагоденоста на одговорите што ги добива од возрасните, е клучен фактор во процесот на градењето позитивен став кон поинаквите врсници – вели авторката.
Сликовницата е наменета за типичните деца на возраст од 7-12 години, бидејќи истражувањата покажуваат дека токму на оваа возраст децата ги градат негативните стереотипи за луѓето со било каква различност.
Оваа приказна укажува на тоа дека со негувањето на довербата и отвореноста, како и со правилен воспитен и едукативен пристап може успешно да се надмине формирањето на негативни стереотипи кон децата со пречки во развојот. Во овој процес клучната улога ја играат родителите на типичните деца, како и наставниците во училиштето.
На крајот од сликовницата се поместени корисни совети напишани на приемчив јазик за децата на оваа возраст, за тоа кои се спецификите на нивните врсници со Даунов синдром, како и корисни препораки како да се однесуваат со нив. Сликовницата е реализирана со поддршка на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


