Сликовницата за деца во која „Роко има две мајки, а Ана има двајца татковци“ предизвика полемика меѓу министерот за иновации Ненад Поповиќ и премиерката Ана Брнабиќ, а нивниот судир беше повод за директен напад на министерките Зорана Михајловиќ и Јадранка Јоксимовиќ врз премирката на седницата на Владата, која за малку не завршила со оставка на Брнабиќ, пишуваат „Вечерње новости“.
– Ова беше без сомнение еден од најтешките денови за мене откако сум во Владата од 2016 год., а секако откако сум претседател на оваа Влада, изјави Брнабиќ за „Новости“, по бурната владина седница.
Весникот „Курир“ пишува дека седницата на Владата била напната и непријатна, на која Брнабиќ и Поповиќ размениле „повеќе непријатни реченици“, по што во полемиката се вклучиле останатите министри.
По владината седница, премиерката Брнабиќ за „Новости“ изјави дека на Србија не и се потребни поделби.
– Верувам дека во Србија не треба да биде битно кој е од која вероисповед, сексуална орентација, етничка припадност или која било друга разлика, туку сите заедно да одиме во ист правец за да го надополниме изгубеното време, изјави Брнабиќ.
Таа наведе дека и е „бескрајно значајна подршката на претседателот Вучиќ“ со кого, како што потенцираше, искрено се консултира.
– И овој пат разговаравме за целата состојба. Ме повика да чуе како се чуствувам после сето она што се случи на седница на Владата и пред тоа. Го имам неговото разбирање и поддршка и верувам дека тоа е сржта која на Србија и дава сила, заради која вреди да ја продолжам борбата, изјави Брнабиќ.
Таа констатираше дека сето ова треба да се тргне на страна и да се продолжи со работа на решавањето на проблемите на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.