| четврток, 6 декември 2018 |

По петочната молитва, муслиманските верници тргнаа во одбрана на Ерусалим (видео)

Неколку илјади муслимани се упатија кон плоштадот во Ерусалим, откако заврши петочната молитва во џамијата Ал Акса.

Демонстрантите носат транспаренти со слогани: „Повик за сите муслимани! Ерусалим е престолнина на калифатот“ и веат знамиња на палестински организации.

Во текот на молитвите, имамот го прогласил Ерусалим за исламски град, а говорел и за „гневот“ и „големата болка“ која ја чувствува муслиманската заедница поради одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

Учесниците во молитвата со аплауз ги одобриле ваквите повици на имамите.

Во меѓувреме, избија судири меѓу демонстранти и припадници на израелската полиција. Најмалку 26 демонстранти се повредени на Западниот Брег во појазот Газа и источен Ерусалим, во текот на вториот „Ден на гневот“ кој го прогласија палестинските водачи поради одлуката на претседателот на САД.

Повеќето од демонстрантите на Западниот Брег биле повредени со гумени куршуми, но има и ранети со боева муниција. Од границата со појасот Газа, еден демонстрант во критична состојба бил пренесен во болница.

По пладневната молитва стотици демонстранти во Хеброн, во Витлеем и во Рамалах својот гнев од одлуката на администрацијата на Трамп го изразија со фрлање камења кон израелските сили, кои одговорија со солзавец и гумени куршуми.

Повеќе од илјада луѓе излегоа на улиците во Газа. Протестирале и стотици Јорданци во центарот на Аман, кои по молитвата извикувале: „Ерусалим е арапски“.

Протести се организирани и во пакистанските градови Карачи и Лахор, каде што демонстрантите бараат од владата на Пакистан да ги прекине дипломатските односи со САД. Покрај ова протести во знак на револт од страна на муслиманската заедница има и во Кабул, Техеран, Џакарта, Куала Лумпур…

Колку за потсетување, покрај тоа што го призна Ерусалим за престолнина на Израел, Трамп одлучи да го префрли седиштето на американската амбасада од Тел Авив во Светиот град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top