| четврток, 6 декември 2018 |

За влакно избегната трагедија: Патници на кинески авион ја гледале ракетата на Северна Кореја (видео)

Од екипажот на патничкиот авион „Катај Пацифик“ пријавиле дека за време на летот над Јапонија минатата седмица ја забележале севернокорејската балистичка ракета.

Од оваа авио-компанија потврдиле дека екипажот на авионот го забележале моментот кога балистичката ракета повторно влегла во атмосферата на Земјата.

Северна Кореја на 29-ти ноември изврши тестирање на новата интерконтинентална балистичка ракета за која што експертите сметаат дека може да долета до територијата на САД.

Генералниот оперативен менаџер на „Катај Пацифик“, Марк Хоји тој ден им испратил порака на вработените за да бидат многу внимателни затоа што било воочено дека „ракета на Северна Кореја експлодира и се распаѓа недалеку од нивната локација“.

Во извештаите е наведено дека лансирањето на ракетата било визуелно воочено и од два јужнокорејски авиони кои што биле на пат од Сеул кон САД.

За разлика од останатите земји, Северна Кореја не ги најавува своите ракетни тестови, ниту пак траекторијата на ракетите, што претставува голем ризик за патничките авиони. Пјонгјанг има пристап до податоците на системот на меѓународната цивилна авијација, па може да го проучи воздушниот простор пред лансирањето, меѓутоа авиокомпаниите никогаш не знаат што може да им се случи додека нивните авиони летаат во близина на Корејскиот полуостров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top