На денешниот протест организиран од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пред граѓаните се обрати лидерот на партијата Никола Груевски. Тој напомена дека СДСМ доживеале кадровски дебакл со поставување на неспособни кадри на клучни позиции.
-Неправда е што на местото на Веле Самак, кој дипломираше на Јеил и кој дојде од Мајкрософт, од Сиетл, се постави Рамиз Мерко од Струга. На местото на Бил Павлески, кој дојде од Хјули Пакард од Бостон, се постави Самка Ибраимоски, на местото на Горан Мицкоски кој дојде од Лондон, се назначи Зорица Апостоловска. Сте го виделе ли некој од овој кадар на Заев досега во јавноста и дали некои од нив ќе ги препознаете ако ги сретнете на улица. Неправда е што на местото на Виктор Мизо, кој дојде од Харвард, од Џенерал електрик и од МекКензи, дојде човек кој го шараше градов и е дел од пратеничката револуција, изјави Груевски.
Тој кажа дека и неправда е мешетар како Обрадовиќ од Србија да го ставиш за свој советник, како и ставањето на десетици активисти на Шарената револуција, на клучни места во администрацијата, со што според Груевски се докажа дека не битно кој колку е способен и искусен, туку кој колку го шарал градот.
-Неправда е и партискиот реваншизам и партиската чистка која се прави во државата, неправда се на улица избрканите вработени од Општина Карпош, од Општина Делчево, од Македонски Брод и од многу други општини, од министерствата и од Владата. Неправда е и мобингот кој се врши кон многу вработени од јавниот сектор, само затоа што политички се блиски или се поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. Неправда е што има кривични пријави за вработените од помалите етнички заедници, ама од оној непрокопсан Рашковски, нема ништо за 1.600-те вработени од Рамковниот договор, кои самите признаа дека седат дома, а земаат плата, изјави Груевски.
Тој кажа дека неправда е и непотизмот кој силно се развива, Груевски спомена и дека побрзал да си се стави во Собрание на акционери на Телеком, а дека има за фамилијата на неговиот шеф.
-Според пишувањата и на самите медиуми, текстилниот гигант Герас Цунев беше купен за само 20 илјади евра од прв братучед на Заев и со тоа кланот се стекна со сопственост од 22 проценти, од фирма која има над 7.000 метри квадратни атрактивен индустриски и деловен простор. За тие пари, сите останати граѓани на Република Македонија, можат да си купат гарсоњера и ништо повеќе, изјави Груевски.
Груевски напомена дека покус не останал ниту според него тендерашот Кочо Анѓушев, кој користејќи ја позицијата на вицепремиер во Владата на СДСМ, на својата фирма и обезбеди тендер за набавка на електрична енергија, кој под притисок на јавноста беше поништен. Тој говореше и за многу други измами, како што е фирмата Санос, како што е непуштањето на автопатот Демир Капија-Смоквица, кој е готов, но не се пушта за да се претстави како проект на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.