На денешниот протест организиран од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пред граѓаните се обрати лидерот на партијата Никола Груевски. Тој кажа дека неправда е што СДСМ лажеле дека во време на ВМРО-ДПМНЕ од државата биле иселени 600.000 луѓе, но и дека неправда е што ветувале дека истите ќе ги врателе.
-За шест месеци не само што не се врати никој, туку гледаме како незадоволни од хунтата на власт, постојано се иселуваат пријатели, познаници, цели семејства. Неправда е што промовираа национална стратегија за населување на десетици илјади мигранти од Африка и Блискиот Исток, а сега спроведуваат и кампања истите да се населат додека домашните губат работа и осиромашуваат, додека илјадници граѓани на Македонија немаат работа, изјави Груевски пред насобраните граѓани.
Тој кажа дека неправда е што младите се заборавени, што се заборавени студентските домови кои власта на ВМРО-ДПМНЕ предвидела да ги гради и реновира, ниту пак биле предвидени пари за проектите кои ги ветиле токму тие, како младинската гаранција, кажа Груевски.
-Неправда е и укинатото екстерно за кое ветија дека ќе понудат алтернатива, дека ќе понудат подобро решение, од кое нема ни трага ни глас. Екстерното тестирање беше стигматизирано и злоупотребувано, а носеше стандарди кои веќе ги нема и пак доаѓа време кога може сите ученици да се со сите петки без реална основа. Укината е и Кембриџ програмата, а први на удар беа дисперзираните студии. Ветуваа дебати, а носат законски решенија без ниту една дебата, а во поретки случаи се прават фингирани дебати, изјави Груевски.
Тој напомена дека донеле план „3-6-9“ само пред камерите, но без суштина, како што кажа Груевски поминале шест месеци но нема ниту НАТО, ниту ЕУ.
-Неправда е пред изборите да ветуваат брзо членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, а сега да ни зборат дека ќе ја симнат условеноста на препораката, која настана поради политичката хајка и политичката криза создадена токму од нив, изјави Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.