| четврток, 6 декември 2018 |

Како се произведувала дрогата во Тетово, во најголемата лабораторија во Југоисточна Европа (видео)

Шест лица од Македонија и Србија се уапсени во синоќешната заедничката операција на двете земји, а со поддршка на американската ДЕА, на подрачјето на Тетово, во разбивање криминална група и откривање на најголемата лабораторија за производство на синтентичка дрога на Балканот.

– Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со заеднички истражен тим од Србија во координарани активности со ДЕА спроведе меѓународно криминалистичко истражување, со цел сузбивање на организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија, производство и продажба на дрога, изјави на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Извршени се претреси на две локации во Тетово и пет локации во Скопје. Лабораторијата е пронајдена во Тетово.

Како што информира Спасовски откриена е досега најголемата количина синтетичка дрога на просторот на Балканот, а доколку се потврдат првичните проценки ќе биде и една од најголемите заплени во меѓународни рамки.

Според првичните сознанија во лабораторијата во куќа во Тетово се откриени над 125 килограми синтетичка дрога. Станува збор за минимум 500 илјади таблети синтетичка дрога, чија вредност е над 2,5 милиони евра.

Продолжуваат активностите во рамки на операцијата, и како што информира Спасовски, МВР следните денови ќе ја информира јавноста за сите нови моменти од истражната постапка, како и за процесуирањето на инволвираните лица.

Српската новинска агенција Танјуг претходно јави дека меѓу уапсените е и организаторот на групата Милан Зарубица.

Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ по повод заедничката акција на српската и македонската полиција истакна дека ова е еден од најдобрите резултати во запленување на синтетички дроги.

– Многу е добро што е уапсен Милан Зарубица, бидејќи тој се смета за еден од најголемите креатори на синтетички дроги, а на овие простори беше познат по оваа активност и порано, рече Стефановиќ.

Според српскиот министер, оваа запленета синтетичка дрога е многу важна бидејќи станува збор за капдагон, нова синтетичка дрога која е омилена и кај борците на ИСИС

МВР го објави видеото од лабараторијата… Погледнете како изгледа:

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top