| четврток, 6 декември 2018 |

Албанско семејство од Тетово живее заедно со волци (фото галерија)

Семејството Исмаили од Тетово во својата викендичка во подножјето на Шара се грижи за своите несекојдневни миленици- волците. Алек, Лупо и Луна се послушните волци, миленици на Фадил.

Волците на семејството Исмаили се разликуваат од планинските волци, тие се пријателски настроени и се случувало да наидат на стадо овци без да ги нападнат. Недалеку од Тетово се наоѓа селото Лешок, а на периферијата на селото, на пространа ливада се наоѓа викендичката на Фадил. Фадил со семејството се грижат за своите домашни миленици уште од нивното раѓање.

-Сè ова е во спротивност со човековата перцепција дека волкот е лошо животно. Јас сум убеден дека човекот е полош од волкот. Овие волци ми немаат направено ништо лошо, а луѓето да. Се плашиме од забите на волкот, но не и од наоружаните луѓе, вели Исмаили во едно интервју и додава дека доколку на волците им се даде љубов тие знаат како да возвратат.

Пред да ги купи, Исмаили има проучувано и посетувано обуки и тренинзи за животни. Неговите волци комуницираат со знаци и движења и дека човекот е тој кој што треба да проба да го разбере нивниот јазик, а не обратно.

-Како што децата се одгледуваат со љубов, така и волкот може да стане вистински пријател доколку му се даде љубов. Но, ние луѓето сакаме тие нас да нè разберат, но полесно е ние нив да ги разбереме и да се однесуваме според нивните потреби, објаснил тој.

Лупо, Луна и Алек ја почитуваат хиерархијата во семејството Исмаили. Во таа хиерархија главниот збор го има Фадил, а најдоминантен волк е Алек, кој им става до знаење дека е посилен од другите.

Семејството Исмаили своите волци често ги носат на прошетки по селските полиња. Мештаните не се бунат, волците на познати луѓе не реагираат, но кога некој непознат ќе пројде покрај нивната куќа тие почнуваат да завиваат додека Фадил не им даде знак да престанат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top