| четврток, 6 декември 2018 |

Американската војска бомбардира фабрики за дрога во Авганистан

Американските сили бомбардираа неколку фабрики за производство на дрога во Авганистан.

– Нападите беа насочени кон изворите на финансирање на талибанците, изјави генерал Џон Николсон, додавајќи дека таквите напади ќе продолжат.

Заедничката операција со авганистанските сили беше спроведена вчера вечерта во јужната провинција Хелманд, која освен што е центар за производството на дрога, исто така, е и најголемото упориште на талибанците во Авганистан.

Канцеларијата на авганистанскиот претседател објави дека во Хелманд биле уништени осум фабрики за преработка на дрога.
Кари Јусуф Ахмади, портпарол на талибанците, ги отфрли овие тврдења, и вели дека не постојат никакви фабрики за дрога.

Според Советот за безбедност на ОН, талибанците минатата година заработиле 400 милиони долари од дрога, што претставува околу половина од вкупните приходи на бунтовниците.
Авганистан оваа година произвел најмногу опиум во својата историја – околу 9.000 тони, соопшти пред неколку дена Канцеларијата на ОН за дрога и криминал.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top