Модната дизајнерка Тања Кокев синоќа во скопскиот хотел „Александар Палас“ во една поинаква атмосфера и со музика од седумдесеттите, ја претстави својата нова колекција есен-зима 2017/18 во која има и неколку машки модели, што е првпат од кога постои брендот.
– Оваа колекција ја посветив на посебноста на секој од нас. Се навратив на модата и општо идејата на седумдесеттите кога начинот на облекување рефлектира став во изразувањето, индивидуалност базирана на природен изглед и различност. Навистина се залагам за различност и во изгледот и во комбинациите, за излегувањето од матрицата во која сите изгледаат исто и за слободата на изразување. Затоа оваа колекција е послободна, со вариетет на комбинации од материјали и форми кои уште повеќе ќе дојдат до израз при комбинациите на индивидуалците кои носат ’Кокев’ – вели дизајнерката.
Таа објаснува дека се инспирирала од тоа како клиентите ги комбинираат парчињата на Кокев.
– Секако, повторно ги користам дизајнерските материјали препознатливи за мене за да го одржам квалитетот. Специфично овој пат е дека во колекцијата вметнав исклучиво црни и сребрени вечерни тоалети, како контраст на шаренилото на останатата колекција и дека за прв пат изработивме и машки модели. Тоа е чекор кој се уште го правам срамежливо, но се надевам дека може да прерасне во нешто поголемо – вели Кокев.
Комбинацијата на разнолични форми и храброто спојување на материјали ја прави колекцијата посебна, каде духот на седумдесеттите се чувствува и во формите но и во начинот на изразување. Слободно пуштените волуменозни фризури и играњето на сцена дополнително ја збогатија атмосферата. Се чини Кокев останува доследна на стилот, но дозволувајќи слободата се повеќе да ја води.
Ревијата ја режираше Дејан Пројковски со кого Кокев традиционално соработува. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, а изборот на музиката е на Соња Исмаил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.