Ситни црви преплавија дел од зградите во скопската населба Аеродром. Жителите од улицата Владимир Комаров во шок. Се жалат дека ваквата слика била застрашувачка.
Мара Лазарова која живее во една од зградите, пред камерата на Алфа ја раскажува страшната слика со која се соочуваат сите станари од овој дел од Скопје. Вели дека вакво нешто не паметела до сега. Вели дека штом се стемни – црвите освен што лазеле по ѕидовите од зградите, преку прозорците влегувале во становите, односно во собите каде што живеат, па дури и во кујните каде што готват храна.
Лазарова се сомнева дека ваквиот проблем настанал поради недостаток на шахти, односно канализациски систем. Овие мекотели, вели, се појавувале претежно во доцните часови, кога нема големо движење околу зградите.
Екипата на Алфа во текот на денот сними дел од црвите, каде јасно се гледа како лазаат по ѕидовите на зградите, но сликата, како што велат жителите, била застрашувачка доцна во ноќта.
Оваа зграда е само една од многуте кои се соочуваат со овој проблем, кој станува повеќе од голем кога црвите во текот на ноќта, буквално ги преплавуваат зградите.
И покрај пријавата на станарите до локалната власт, надлежните барем до сега не презеле ништо, па така станарите се приморани сами да ги чистат црвите од пред влезовите на зградите, за проблемот да не стане уште поголем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.