| четврток, 6 декември 2018 |

Нова концертна сала и концертно пијано за учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“

По 40 години постоење, за прв пат од како Училиштето се наоѓа во зградата изградена во 1978 година, учениците во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј”-Скопје добија своја концертна сала. Капацитетот на салата е 90 места.  Освен за концерти, салата е опремена со студиска опрема каде ќе може професионално да се снимаат студиски снимки. Покрај салата, Учениците добија и комплетно реновиран концертен клавир Петроф.  За таа цел, клавирот беше испратен во фабрика во Чешка, каде беше направено реновирањето.  

-Горд сум што успеавме да ја реализираме идејата Училиштето да има своја концертна сала. Нашите концерти во изминатиот период ги одржувавме најчесто во некоја од концертните сали на Факултетот за музичка уметност, Даут Пашин Амам или во Културно информативниот центар Салон 19,19. Сега имаме преубава сала во која учениците ќе можат да го покажат наученото, а публиката да ужива во нивното  музицирање. Освен тоа, многу сум радосен што успеавме да го реновираме концертниот клавир кој беше во многу лоша состојба. Сега нашите ученици имаат можност да свират на клавир каков што нема ниту една институција во Македонија, ни изјави директорот Јован Бицевски.

-Звучи како ново. Механиката е прекрасна, звукот, бојата, допирот. Дефинитивно би свирел на него уште многу захтевни програми. Многу сум среќен што ДМБУЦ може повторно да привлече многу пијанисти од Европа и светот кај нас со овој потег, а со тоа да се остварат бројни соработки, изјави пијанистот Дино Имери. 

Отворањето на салата е на 19.10.2017 година кога е патронатот на Училиштето. Пред многубројната публика, меѓу кои секогаш е присутно и семејството на Илија Николовски-Луј, ќе настапат некогашни и сегашни ученици: Олег Кондратенко, Горан Муратовски, Блерим Груби, Паскал Краповски, Весна Ангелова, Арда Мустафаоглу, Александар Иванов, Дино Имери, Инес Неделковска, Ана Дурловски, Зорица Каракутовска и Филип Стемевски.

Останува, публиката што почесто да ги посетува овие концерти на младите музичари, а учениците мотивот за вежбање да го гледаат во можноста што ќе свират во преполна, преубава сала и на одличен клавир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top