| четврток, 6 декември 2018 |

Заев најави интензивирање на преговорите за името!

Преговорите за името меѓу Скопје и Атина ќе се интензивираат по локалните избори најави денеска премиерот Зоран Заев. Тој потсети  дека го повикал посредникот во разговорите Метју Нимиц да излезе со нови предлози и идеи за надминување на спорот за името.

Попродуктивни разговори за името по локалните избори очекува и пратеникот на грчката опозициска партија Нова демократија, задолжен за надворешна политика, Јоргос Кумуцакос. Коментирајќи ги резултатите од првиот круг од локалните избори во Македонија, Кумуцакос во интервју за АНА-МПА, изјави дека победата на СДСМ во првиот круг претставува позитивен тек на настаните и можност за натамошно подобрување на односите меѓу двете земји.  Грчкиот пратеник изрази задоволство што во  Македонија се подобрува атмосферата за решавање на спорот со името.

Самиот факт што националистот Никола Груевски загуби на локалните избори е позитивен тек на развојот на настаните. Сега во Скопје имаме многу посигурни и попродуктивни соговорници во однос на прашањето за името, вели Кумуцакос.

Дел од аналитичарите предупредуваат дека Македонија мора да биде претпазлива во тој процес, некои пак сметаат дека за името не треба воопшто да се преговара.

Официјална Атина преку шефот на дипломатијата Коѕијас во неколку наврати најави дека на почетокот на ноември ќе стартува со работа мешовитата комисија што ќе ја чисти историјата од иредентизам, информација која беше демантирана од нашите власти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top