| четврток, 6 декември 2018 |

Религиозната толеранција како предизвик и потреба

almasa2Една од главните теми на социјалните мрежи изминатите недели беше фотографијата на Алмаса Сарајлиќ, од Витез, БиХ, чија матурска фотографија неочекувано се прошири на „Фејсбук“ добивајќи над 35.000 лајкови и уште илјадници споделувања. Некои ја споредија и со Мона Лиза. Фотографијата, можеби и не е навидум обична. Алмаса е убава млада девојка, има прекрасна насмевка и…има хиџаб.

И овде воведот со босанската убавица го заменувам со грдиот и тажен факт дека во актуелниот момент во светот се водат повеќе конфликти кои, за жал, сѐ повеќе попримаат верски обележја. Се водат судири меѓу муслимани и христијани (Нигерија, Египет, Ирак), меѓу муслимани и будисти (Бурма), меѓу муслимани-сунити и муслимани-шиити (Ирак, Пакистан, Сирија). Статистичарите ги бројат процентите на муслимани во арапскиот свет, односно муслимани во Европа. Светот сѐ повеќе се гледа низ верска призма.

Балканот моментално е во мирување и засега се чини дека воените судири нема да се искористат за решавање на политичките проблеми. Но, истовремено Балканот и не е имун на она што се случува во глобални рамки, чие пресликување може да се наметне како сериозен безбедносен предизвик, посебно ако се има предвид мултиетничкиот и мултиконфесионалниот колорит на овие простори. Уште повеќе, ако се има предвид дека овој диверзитет следи етнички линии, што на Балканот секогаш е важен факт.

Многу работи во регионот и земјава предупредуваат во овој контекст. Прво, сериозно поткопување на секуларизмот преку сѐ почесто инволвирање на верски авторитети во политиката, преку изјави во медиуми, коментари на актуелни настани до директно вклучување во политичките процеси. Веќе се формирани партии на верска основа, верски лидери се кандидираа за претседатели, пратеници, градоначалници. Ова се однесува и во рамки на една верска, односно етничка заедница (албанскиот комплекс). Второ, што посебно се однесува и на Република Македонија, поистоветувањето на верскиот и етничкиот елемент кај најголемите етнички заедници, чии последни тензии добиваат и верски карактер. Овде, консоцијалната демократија која го карактеризира нашиот политички систем се јави и како кочничар, но и како менаџер на спорните меѓуетнички, односно меѓуконфесионални прашања. Трето, тоа е рефлексијата на случувањата во глобални рамки и врз Република Македонија (објавување спорни карикатури, филмови и сл.).Четврто, сѐ поинтензивната радикално-верска пропаганда на интернет во функција на џихадот, кој се претставува како императив за младите, а загинувањето како „шехид“ (пример во Сирија), како највисока чест. Ваквата контаминација со радикалните идеологии, вклучително и на Ал Каеда, која е присутна во регионот може да доведе до саморадикализирани поединци и извршители на непредвидливи и неспречиви терористички акти (т.н. „осамени волци“) како што веќе имаме во светот.

Секуларизмот во Република Македонија е веќе начнат, посебно што се однесува до МПЦ и актуелната владејачка елита познат приврзаник на црквата. На централно ниво, тоа се гледа при сите позначајни настани, каде МПЦ е составен дел, изјавите на верските поглавари прошарани и со ставови во актуелен или историски контекст и сл. На локално ниво, тоа се гледа преку директно инволвирање на општинските власти во изградба на верски објекти. Некои општини јавно се пофалија пред локалните избори колку цркви изградиле, а познат беше случајот кога поранешниот градоначалник на Струга, со еуфорична изјава „легализираше“ бесправно изградена џамија. Ваквата (не)одговорна улога на општинските власти е посебно чувствителна во мултиетничките средини, каде што сѐ уште тлеат нерешени прашања од верски карактер.

Последните меѓуетнички инциденти во Република Македонија имаа верски белег како изградбата на црквата-музеј на Кале или изградбата на црква на плоштад. Механизмите на консоцијалната демократија помогнаа компромисно да се решат со изградба и на џамија-музеј и дислоцирање на црквата на плоштад со еконструкција на друга џамија во Тетово. Изградбата на Бурмали-џамијата сѐ уште е отворено прашање кое може да генерира тензии. Впрочем и бојкотот на ИВЗ на Третата светска конференција за мегурелигиски дијалог беше за овие и слични прашања.

Она што загрижува е што последните инциденти меѓу младите имаа верски белези. Зборно место при организирањето собири беа Соборниот храм, односно џамијата Јаја-паша, поради што и еден дневен весник излезе со насловна страна дека во Македонија се закажуваат верски војни!?

Конечно, токму настани со верски белег се заканија сериозно да ја дестабилизираат државата. Прво, тоа беше Вевчанскиот карневал, каде една несреќно избрана маска доведе до протести, палење и сквернавење верски објекти, а ситуацијата која излезе од секаква контрола, наместо верските, мораа да ја менаџираат политичките лидери во парламентот. Второ, масакрот кај Смислковско Езеро, каде што, исто така, несреќно одбрана квалификација доведе до масовни протести. Власта, сакајќи да побегне од етничкиот, се префрли на верски план, што ѝ се врати како бумеранг, многу поголем и пострашен. Притоа, протестите на младите беа предводени со знамиња со Исус, односно џихадот. Автобус беше запален среде Скопје со извици „Алаху екбер“ како на пропагандните видеа за војната во Авганистан или во Сирија.

Се чини дека Република Македонија не извлече поука од 2001 година и изминатите, веќе 12, години, многу малку се инвестираше или, пак, можеби не се препознава толеранцијата, посебно меѓуконфесионална. Република Македонија не извлече поука ниту од случувањата во глобални рамки (објавувањето карикатури со пророкот Мухамед, палењето на Куранот, спорниот филм и сл.) за да се сфатат верските чувства и нивната ерупција.

И овие забелешки, ако не кај политичарите, повеќе треба да се дадат кај верските лидери и верските заедници кои ја испуштија можноста да дадат поголем придонес кон процесите на помирување и градење верска толеранција. Верските заедници како да не ја сфаќаат својата улога во овие процеси, посебно важна во мултиетнички средини, каде на некој начин, покрај тоа што се лидери на верски, истовремено, на некој начин се и лидери на етнички заедници. Иако заборавија на оваа улога, МПЦ и ИВЗ како да се ограничени со својот конфесионалн амбиент и не комуницираат. Пострашно, почнуваат и рововски препукувања што повторно може да се покаже крајно опасно по самата држава. Дополнително, одговорноста кај верските лидери ја зголемува фактот што македонските граѓани се меѓу најрелигиозните на Балканот, односно постојат и неформални верски структури кои го заземаат празниот простор во чии проповеди толеранцијата и соживотот не се посакувани вредности.

По последните инциденти во Република Македонија, по почнатите судири во глобални рамки, верската толеранција се наметнува како императив. Забележително е дека во изјавите и на домашните политичари и на меѓународниот фактор, покрај меѓуетничката, сѐ поприсутен збор е и верската толеранција, покрај констатираните верски тензии во државата. Имаме и неколку успешно реализирани проекти за подобро меѓуконфесионално запознавање и разбирање, како што беа проектите на ПРМ, д-р Ѓорге Иванов со Амбасадата на САД, на германската фондација „Конрад Аденауер“ и ИДСЦ и две владини кампањи за надминување на верските разлики.

Медиумите можат да дадат свој придонес во објавување позитивни примери како средбата на попот и муфтијата во Дебар или заемни посети и честитки за време на различни верски празници кои ги имаме во некои села.

reis

Политичарите се тие што ја имаат најголемата одговорност. Албанскиот премиер Сали Бериша на чествувањето на 100-годишнината од својата државност во Скопје потсети Албанците да се свртат меѓу своите од православна и католичка вероисповед, но пропушти да порача да се свртат и меѓу своите соседи од посочените конфесии. Али Ахмети направи исчекор со честитките по повод христијанските празници, православни и католички, а неговото потсетување дека се поголем број Албанци се враќаат на православните корени се чини е порака и за поинаква перцепција и за православните Македонци и за православните Албанци. Герг Кастриоти или Скендер-бег се уште може да направи многу, како поранешен христијанин, подоцна муслиман, да испрати порака затоа што на плоштадот во Тирана од едната страна на неговиот споменик има црква, од другата џамија. Исто како во Скопје само што овие верски објекти се меѓусебно малку подалеку лоцирани, како своевидна симболика на оддалеченоста меѓу верниците кои ги посетуваат.

reis

Во БиХ, за Велигден, тамошниот поглавар на ИВЗ, реисот Кавазовиќ упати честитка со изрази на почит (што кај нас го нема), а претседателката на Косово, Арифете Јахјага, го посети манастирот во Дечани со изјава дека толеранција е вредност во косовското општество.

bosankaВо меѓувреме, младата матурантка Алмаса Сарајлиќ доби преку 35.000 лајкови на „Фејсбук“, што значи толку пати нејзината фотографија со прекрасна насмевка и хиџаб циркулираше на социјалните мрежи. Истовремено, можеби без да знае, Алмаса Сарајлиќ направи многу повеќе од политичарите во нејзината земја и Балканот – искомуницира една порака за толеранција и разбирање. Сите оние млади кои се восхитувале на фотографијата на младата Муслиманка, во ера на верски тензии, во ера кога хиџабот, хикабот или бурката сѐ уште се табу и во Европа, со само еден „лајк“ направиле многу. Стратешка комуникација е она што ни е потребно, на локално, регионално и глобално ниво. Ако меѓу илјадниците „лајкувачи“ има и Срби, Хрвати, Македонци, тогаш има надеж да ја постигнеме целта.

Пишува: Васко Шутаров

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top