| четврток, 6 декември 2018 |

Каталонската влада тактизира околу прогласувањето на независност

Десет дена по референдумот за независност на Каталонија, продолжува неизвесноста што ја предизвика најголемата политичка криза во Шпанија од возобновата на демократијата во земјата во средината на 70-те години на минатиот век.

Шпанската Влада и судовите уште од претходно можноста за прогласување независност на Каталонија ја оценија како незаконска, став со кој се согласуваат и голем број Каталонци, имајќи предвид дека, според анкетите, тие се поделени по прашањето дали регионот треба да се отцепи од Шпанија.

Од друга страна, претседателот на регионалната Влада на Каталонија. Карлес Пуџдемон е под притисок на каталонските сепаратисти за што поскоро прогласување независност. Првично, за денеска беше најавено дека Пуџдемон ќе се обрати пред каталонскиот Парламент, при што се претпоставуваше дека ќе прогласи независносот, но тој во петокот го откажа своето обраќање.

ЕУ остана на ставот дека референдумот е „внатрешна работа на Шпанија“, но сепак предупреди дека доколку Каталонија прогласи независносот, новата држава нема по автоматизам да биде членка на Унијата, туку ќе треба да го помине целиот пристапен процес доколку сака да биде дел од блокот.

Договорите за формирање на ЕУ не предвидуваат како би требало да се однесува Брисел доколку територија на една нејзина земја членка прогласи независност. Меѓутоа, пред 13 години Европската комисија, тогаш предводена од Романо Проди, излезе со толкување дека „држава формирана со отцепување од ЕУ, нема автоматски да се смета за дел на Унијата“.

Експертот по европска право Жан-Клод Пирис смета дека ниту една членка на ЕУ нема да ја признае независноста на Каталонија, бидејќи со оранизирањето на референдумот властите во Барселона „го прекршиле правото и уставот на Шпанија“.

Пирис смета дека во прашање се доведува и легитимноста на самиот референдум за независност, бидејќи на сите жители на Каталонија не им беше овзможено правото да се изјаснат, поради затворањето на голем број гласачки места од страна на националната полиција. Легитимноста на самиот референдум е дискутабилна и од причина што излезноста на изјаснувањето беше под 50 проценти, што се смета за норма за успешност на еден плебисцит.

Доколку, сепак, властите во Барселона прогласат независност на регионот, можни се пет сценарија за идниот развој на настаните.

Според првото сценарио, доколку властите во Барселона прогласат независност, шпанскиот премиер Маријано Рахој, согласно уставните надлежности може да го суспендира автономниот статус на Каталонија и да воведе дирекна управа над регионот.

Членот 155 од Уставот на Шпанија предвидува дека доколу властите на некој од шпанските региони ги прекршат своите уставни надлежности или „дејствуваат на начин што сериозно ги загрозуваат општите интереси на Шпанија“, Владата во Мадрид може да ги преземе „потребните мерки за да ги заштити општите интереси“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top