| четврток, 6 декември 2018 |

Официјална премиера на филмот „Кога денот немаше име“ на 12 октомври во кино „Милениум“

Официјалната премиера на филмот „Кога денот немаше име“ на македонската режисерка Теона С. Митевска во Скопје ќе се одржи на 12 октомври 2017 година, со почеток во 20 часот, во киното „Милениум“. Веднаш по премиерата, филмот ќе започне со редовни кинопроекции на репертоарот во скопските кина „Милениум“ и „Синеплекс“.

Отворената средба на филмската екипа со медиумите е закажана за петок 13 октомври од 11 часот во Јавна соба (Public room), ул. 50 Дивизија, бр. 22, Скопје.

Овојпат и пошироката скопска публика ќе може да го погледне најновото филмско остварување на Теона Стругар Митевска, кое доби одлични оценки меѓу филмските критичари во Европа и во светот и е првиот македонски филм по „Пред дождот“ што е продаден за киноприкажување во големата Кина. Светски познатиот агент за продажби „Cercamon“ веќе ја потврди оваа продажба, што е огромен и редок успех за еден македонски филм.

Покрај тоа, на 13 (петок, по проекцијата во 19.45) и на 17 октомври (вторник, по проекцијата во 19.30) во „Синеплекс“ гледачите ќе имаат ексклузивна можност, веднаш по проекцијата на филмот, да се сретнат со актерите што ги толкуваат главните улоги на разговор и дискусија. Модератор на дискусиите ќе биде филозофот Мариглен Демири.

Освен веќе нашироко познатата и докажана македонска режисерка Теона С. Митевска, на филмот работеа и Агнес Годар, француската директорка на фотографија, која го снимаше овој филм, продуцентката Лабина Митевска и сценаристката Елма Татарагиќ. Главните улоги ги толкуваат шесте млади актери: Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов.

Филмот премиерно беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал, а веднаш потоа следуваа низа успешни учества на голем број значајни филмски фестивали во светот: Филмскиот фестивал во Софија, Бугарија; Фестивалот на европскиот филм во Лече, Италија, каде што беше добитник на награда на „Cineuropa“; Филмскиот фестивал во Линц, Австрија; филмските фестивали во Сиднеј, Австралија, и во Ерусалим, Израел каде овој престижен фестивал го најави како ремек-дело; потоа „Four Rivers Film Festival“ во Хрватска, Сараевскиот фестивал и „Blackcanvas (Festival De Cine Contemporeano)“ во Мексико.

До крајот на годината се закажани уште неколку учества на фестивали, имено: „FIFF (Festival International du Film Francophone)“ во Намур, Белгија; „CineEast FF“ во Луксембург; „Cairo International FF“ во Каиро, Египет; „Ljubljana Film Festival“ во Љубљана, Словенија; како и „Festival Auteurs Film“ во Белград.

Во Македонија, премиерата на филмот беше на 29 септември на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а на 7 октомври беше прикажан и во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“ во Скопје.

Филмот ја раскажува приказната за шест тинејџери. Милан и неговиот најдобар пријател Петар подготвуваат авантуристичка екскурзија со своите другари некаде на периферијата на Скопје. Тие се возбудени од претстојната ноќ на пиење и лудување пред раноутринската риболовна експедиција. Тие се типични тинејџери, полни со сексуални и романтични тензии и возбуда, вознемирени и оптоварени со пари и со материјални нешта. Понекогаш се ѓаволести, понекогаш и ангелски; гладни за да бидат возрасни, сепак со детско однесување. Во дисфункционални односи со своите родители, во семејства нарушени од транзициските маки, тие се генерација што расте растргната од социјална несигурност и од сомнителни вредности. Нивната ноќ на луда забава е одбележана со несреќна посета на тинејџерка проститутка и целосно е превртена со ненадеен конфликт…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top