| четврток, 6 декември 2018 |

Дарја Ризова ја освои наградата за најдобра млада актерка на МЕСС

Актерката на Македонскиот народен театар (МНТ) Дарија Ризова ја освои наградата „Рејхан Демирџиќ“ за најдобра млада актерка за главната улогата во претставата „Електра“, а во режија на Андриј Жолдак на 57. издание на МЕСС, соопштија од Националниот театар.

 

Едногласниот став и оценка на жири комисијата, а изнесен од хрватскиот театролог, Дарко Лукиќ, претседател на жирито, е дека: да се реализира една особено сложена улога во рамките на режисерските барања, и начинот на кој тоа е остварено, не увери во нејзината голема зрелост иако е во прашање млада актерка. Актерката имаше многу голема енергија и присутност на сцената, и доста долг период беше постојано присутна пред публиката. Во еден релативно монохроматски режисерски регистер, токму нејзината улога донесе многу суптилност, боја и нијанси, и поради тоа наградата за најдобра млада актерка се доделува на Ризова.

Во конкуренција за наградите беа веќе докажани продукции од 12 земји: Белгија, Полска, Италија, Аргентина, Босна и Херцеговина, Шпанија, Хрватска, Србија, Франција, Бугарија, Швајцарија и Црна Гора, потпишани од светските лауреати, како: Паоло Маџели, Арпад Шилинг, Давид Еспиноса и Мило Рау. Три членото жири во состав на: Дарко Лукиќ-театролог, Пиетро Валенти – театарски теоретичар и Мигуел Ојарзун – режисер, драмски писател и актер, ги прогласи лауреатите на 57. Интернационалниот театарски фестивал МЕСС.

Беа доделени 4 (четири) награди: Гран – при „Златен ловоров венец“ за најдобра претстава во целина: „Пет лесни парчиња“, од Белгија, Швајцарија; „Златен ловоров венец“ за најдобар режисер: Мило Рау, за претставата  „Пет лесни парчиња“; „Златен ловоров венец“ за најдобро актерско остварување на Силвија Калдерони, за улогата во претставата „MDLSX“, и наградата „Рејхан Демирџиќ“ за најдобра млада актерка за главната улогата во претставата „Електра“. Жирито додели и 2 (две) специјални награди за претставите: „Ноќен живот“ на авторот Паоло Маџели и „Еден гест“ на полскиот режисер Војтек Зимилски.  Беа доделени уште и наградите на малиот МЕСС од гласовите на децата – за претставата „Мала наука за животните“ и оние на Дирекцијата на МЕСС: наградата „Марко Ковачевиќ“ за театарска критика, публицистика и театрологија на Дарко Лукиќ и наградата за придонес на инклузивниот театар „ПокоЛоко“ од Загреб.

Следната изведба на „Електра“ е на 26 октомври/четврток со почеток во 20 часот. Покрај тоа што за оваа изведба влезот за студентите е слободен, дирекцијата на МНТ одлучи во чест на наградата да им овозможи на сите гледачи слободен влез. Публиката билетите може да ги подигне на билетарницата на МНТ, на денот на претставата од 14 до 19 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top