| четврток, 6 декември 2018 |

„Бела ноќ“ во Скопје: Изложба на Дали во МКЦ, перформанс „Таго: Корејски тапан 2“ на плоштад „Македонија“

На 7 октомври, в сабота, во Скопје по 13. пат ќе се одржи „Бела ноќ“, во организација на Град Скопје. Возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови е бесплатно.
Организаторот најавува изложба на Салвадор Дали, спектакуларен музичко-танцовен перформанс на корејската група Tago&АtoBIZ, филмскиот маратон во кино „Милениум“, концерти и изложби…
– Годинава, со „поскромна“, но квалитетна програма, насочена низ неколку точки во градот – вели организаторот.
Големата изложба на генијалниот Салвадор Дали, во Галеријата на МКЦ. Шпанскиот уметник ги илустирал познатите басни како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот  двор“, „Болниот елен“. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет.
Ќе бидат изложени и дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествена комедија“, и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена „Жена жирафа“. Вкупно 29 дела од овој мајстор на уметноста. Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија „Висконти“ од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад.
На Плоштадот „Македонија“, во 21 часот, фантастичната корејската трупа Tago&АtoBIZ ќе ни го претстави својот музички спектакл, перформансот „Таго: Корејски тапан 2“, кој е виден во целиот свет, на сите континенти, на најпрестижните театарски фестивали во Европа и светот. Околу 30 актери, танцувачи, изведувачи и членови на оваа светска атракција, ќе изведат 70-минутен перформанс. Одличен микс на корејски традиционални инструменти, почнувајќи од огромни тапани, до мали перкусии со доза на древни боречки вештини, чија цел е да го збогатат перформансот со динамични движења.
Ова гостување во рамките на Бела ноќ е во соработка со фестивалот МОТ, т.е. во МОТ+ програмата.
Во горното фоаје на кино Фросина, во МКЦ ќе биде поставена изложбата „Сексот и револуцијата“. Авторскиот тим Катерина Станковиќ – Бјеговиќ, ликовна уметничка и Јелена Живковиќ, историчарка, ни ги претставуваат љубовните тајни на некои од најголемите имиња на револуциите.
„Жените ги кратат косите и здолништата, а мажите бараат карта повеќе за последното седиште во кината. Роза Луксембург во Берлин му пишува на драгиот Лео писма и бара повеќе секс, заедно со револуцијата. Марлен Дитрих игра на шанк на геј-клубовите и носи различни жени и мажи во кревет. Врвот на сексуалната револуција бил во 60-те, низ социјално превирање и антивоеното движење“.
Дел од програмата на „Бела ноќ“
На платото на МКЦ:
Barbarisms – тричлен бенд од Стокхолм, предводен од американскиот композитор Николас Фараоне;
– Conquering Lion – даб/реге/кросовер бенд од Тетово, кој своето творештво го започнува во април 2007;
– Ninos Du Brasil – перкусионистичко италијанско дуо, со позадина од бразилската карневалска музика;
Во Дансинг салата на МКЦ свој настап ќе имаат
I TPAME I TVRAME од Албанија, промоција на албумот Future Attitude
UJ PA GAZ од Албанија, LIVE
KANTON6 од Скопје, LIVE
NINO NAUMOV од Скопје, DJ Set
Во Џебното Кино на МКЦ го најавуваме соло-настапот на Alex Jønsson од Данска, наградуван гитарист, композитор и импровизатор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top