Кандидатот за градоначалник на општина Штип од ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев на денешниот митинг во тој град истакна дека благодарение на Владата предводена од Никола Груевски сега сите патишта водат кон Штип.
– Од првиот ден тргнавме да работиме, не застанавме. Имавме елан, мотивација, знаење. Знаевме што треба да се направи во овој град и навистина, направивме над 450 проекти, а нашиот опчет има 500 страници. Тоа немаше да го оствариме ако не беа крупните капитални проекти на централната власт. Патот до Велес е веќе завршен, а автопатот до Скопје 90 отсто завршен, се гради експресен пат према Кочани, се гради и нова Клиничка болница, се направи Универзитетот „Гоце Делчев“, гасификацијата е завршена, имаме нова ТИР зона, а после 2020 година ќе имаме и нов аеродром, истакна Захариев.
Рече дека направени се над 160 улици, како и над 38 спортски објекти. Тој потенцира дека доаѓаат нови предизвици и оти ВМРО-ДПМНЕ има нова визија за да го гради Штип.
– Ќе го зајакнеме локалниот економски развој. Ќе имаме нови вработувања, две нови индустриски зони и проширување на индустриската зона во Три чешми и старата индустриска зона кај Метална Алумина. Ние ја уредивме реката Отиња, ни претстои нов предизвик, да ја уредиме и реката Брегалница како и реката Отиња. Ќе ја поддржуваме бизнис заедницата, но ќе се бориме и за работничките права, посебно на нашите вредни и посветени текстилни работници во нашиот град. Нашите проекти ќе бидат во делот на инфраструктурата, да ги довршиме оние 10 улици кои не се завршени во нашиот град. А тоа е Обиколницата со мостот на Брегалница во местото „Сењак“ се до Пребек и продолжување на истата до бањата Кежовица, посочи Захариев.
Потенцира дека ќе се инвестира во нови водоводи, онаму каде што ги нема. Тој додаде дека ќе се направи и канализациона мрежа каде што е застарена или ја нема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.