| четврток, 6 декември 2018 |

Јованоска-Стојаноска: Нудам проекти за сите граѓани – детска градинка, базен и изградба на Дом за стари лица

Гостивар е на нозе, Гостивар вели ДА за новата ера, ДА за советничка листа и за коалицијата За подобра Македонија. Гостивар оди на победа, истакна Дафина Јованоска-Стојаноска, кандидат за градоначалник на Гостивар на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

Пред голем број на гостиварчани таа истакна дека одговорното извршување на целите се нејзиното најсилно оружје.

-Чесно со многу вложен труд ќе успееме да направиме добри дела за Гостивар и гостиварчани. Главна цел во мојата програма ќе биде зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на сите гостиварчани и поквалитетен живот за младите, децата, возрасните и пензионерите. Во мојата програма се опфатени сите сфери на нашето живеење. Од локален економски развој, преку инфраструктура, образование и наука, земјоделство, информатички науки, урбанизам, екологија, млади, спорт, туризам, социјална и здравствена заштита за сите…, истакна таа.

Јованоска-Стојаноска посочи дека во нејзината програма со која ја бара довербата од сограѓаните, има проекти за сите генерации.

-За децата во мојата програма е испланирано отворање на уште една градинка, реконструкција на покривот во ОУ „Гоце Делчев“ како и промена на оградата. За младите гостиварци ќе има покриен базен, враќање на старото, познато гостиварско корзо, реконструкција на спортски сали, поддршка на талентирани ученици и студенти, нова велосипедска патека и игралишта. За возрасните изградба на катни гаражи, изградба на индустриска зона, изградба на Центар за рециклирање на отпад, канализациона мрежа, реновирање на фасади, изградба на кружен тек, спортски центар, стационар за кучиња скитници, најави кандидатката за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.

За пензионерите таа ќе изгради Дом за стари лица со капацитет од 100 луѓе. Ги потсети дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски отсекогаш најмногу се грижеле за нив.

-Во Гостивар со децении наназад се инвестирало во добар соживот и меѓусебна толеранција. Гостиварчани знаат дека само ова е нашето најголемо богатство. Ако се согласувате со мене, ајде сите заедно да го сочуваме ова богатство и да се погрижиме да им го оставиме во аманет на нашите деца и внуци, порача таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top